четврток, август 13, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Тензии на работ на експлозија: Гренланд ѝ забранува на американската компанија да...

Тензии на работ на експлозија: Гренланд ѝ забранува на американската компанија да почне со дупчење за нафта

66

Властите на Гренланд го одложија почетокот на планираното истражување на нафта од страна на „Гренланд Енерџи“, што е спротивно на претходните најави на луѓе блиски до американскиот претседател Доналд Трамп дека експлоатацијата на нафта во Арктикот би можела да започне веќе следната година, објавува британскиот „Гардијан“.

Одлуката е донесена во време на зголемени тензии околу Гренланд, откако Трамп постојано зборуваше за можноста територијата да дојде под контрола на САД. Компанијата донесе опрема за дупчење на брегот на Гренланд во јули без потребната дозвола, за што властите ѝ испратија „строго предупредување“.

Само една недела пред планираниот почеток на работата во областа Џејмсон Ленд, владата на Гренланд објави дека проектот не може да се започне бидејќи не се завршени сите потребни процедури.

– Потребната регулаторна постапка не може да се заврши, и затоа потребните одобренија не можат да се добијат пред планираниот почеток на дупчењето – се наведува во официјалното соопштение.

За време на разговорите со претставниците на компанијата, гренландските власти изразија загриженост за кратките рокови. Според нивната проценка, немало доволно време за спроведување на детална проценка на можните влијанија на проектот врз животната средина и локалните жители.

Владата и компанијата потврдија дека, доколку биде одобрено, дупчењето би можело да започне најрано во зимата 2027 година.

Овој развој на настаните е во спротивност со најавите дадени во мај од Џеф Ландри, гувернерот на Луизијана и претставник на Трамп во Гренланд. Ландри, кој припаѓа на радикалната десница, по посетата изјави дека нафтата од Гренланд би можела да ја ублажи енергетската криза што се појави по нападот на САД врз Иран.

Ландри, чија јавно изјавена цел е „Гренланд да го направи дел од САД“, рече: „Би можеле да почнеме да ги произведуваме тие барели за околу десет месеци“. Роберт Прајс, извршен директор на Гренланд Енерџи, тврди дека под оддалечениот регион Џејмсон Ленд има нафта во вредност од билион долари, наведува „Гардијан“.

ИЗДВОЕНИ