
Ерик тен Хаг не чекаше долго за да ги направи своите први радикални потези како нов тренер на Баер од Леверкузен. Една од нив е одлука што носи специфична симболика. ЕТХ е подготвен да продаде голман што веќе го продал еднаш, и тоа како предводник на друг клуб.
Холандскиот стратег е решен да се ослободи од Матеј Ковар, голманот што го продаде од Манчестер Јунајтед во Леверкузен, а сега ќе го избрка од германскиот клуб по само две сезони.
Ковар дојде во Леверкузен од Јунајтед во 2023 година за 7,7 милиони фунти, но сега е на пат да си замине, и тоа за речиси половина од таа цена, за околу 3,5 милиони фунти.
И покрај тоа што потпиша четиригодишен договор и одигра 32 натпревари во две сезони, 25-годишниот голман не успеа да го зацврсти своето место на голот, особено по доаѓањето на Марко Флекен од Брентфорд.
Во новата сезона Флекен ќе се натпреварува со Лукас Храдецки за позицијата прв голман, додека за Ковар нема место.
Тен Хаг не губеше време дури ни пред првите официјални натпревари, тој започна со кадровско „чистење“, а голманската позиција беше една од првите позиции за реконструкција.
Ковар пристигна во Манчестер како 17-годишник, но ја изгради својата кариера преку позајмици во Свиндон, Бартон Албион и Спарта Прага, каде што остави најдлабок белег.
Според британските медиуми, Ковар ќе ја продолжи кариерата во ПСВ Ајндховен, актуелниот шампион на Холандија, каде што ќе се обиде да ја преземе улогата на прв голман.
За него, ова би можело да биде вистински чекор напред по две години чекање и борба за позиција и конечно би можел да добие континуитет во тим што игра во Лигата на шампионите.
Тен Хаг, од друга страна, продолжува да создава тим по свој вкус во Леверкузен. Откако клучни играчи како Фримпонг, Вирц и Тах го напуштија клубот, Холанѓанецот гради ново јадро на тимот.
Заминувањето на Ковар е само дел од пошироката реконструкција на персоналот. Покрај Флекен, Леверкузен го донесе и младиот Џарел Куанса од Ливерпул, што покажува дека клупските челници размислуваат долгорочно.
Леверкузен наскоро ќе започне со подготовки, а првиот пријателски натпревар е закажан за 18 јули против Фламенго. Потоа ќе следат дуели со Бохум, Фортуна Ситард, Пиза и Челзи.
Се очекува првиот официјален натпревар во Купот на Германија, по што ќе следи премиерниот натпревар во Бундеслигата против Хофенхајм.