Вековните пророштва на францускиот јасновидец, Мишел де Нотрдам, или попознат како Нострадамус, повторно се во фокусот, а современите толкувања на неговите енигматични стихови за годината 2026 сликаат вознемирувачка слика за свет на работ на хаос, но и на духовна обнова.
Иако францускиот лекар и астролог од 16 век никогаш прецизно не ги датирал своите пророштва, годината 2026 се издвојува во современите толкувања како клучна. Толкувачите се повикуваат на нумерологијата, поврзувајќи ги стиховите со редниот број 26 со претстојната година, но и со ретката тотална затемнување на сонцето што ќе биде видлива низ цела Европа во август 2026 година, која ја гледаат како небесен знак што најавува драматични настани. Неговите криптични четиристишија, напишани на архаичен француски јазик со елементи на латински, станаа платно на кое се проектираат современите стравови од глобални конфликти, технолошки превирања и политичка нестабилност. Токму затоа, додека светот се ниша на работ на нови кризи, многумина нелагодно се свртуваат кон старите стихови барајќи одговори за иднината.
Една од најчесто цитираните визии зборува за војна и крвопролевање. Реченицата „Седум месеци голема војна, луѓе мртви од злото“ многумина ја сметаат за предвесник на голем глобален конфликт што би можел да ескалира од постојните жаришта како Украина. Дополнителна тежина на ова толкување дава пророштвото дека Марс, римскиот бог на војната, ќе „владее со својот тек меѓу ѕвездите“ и дека „човечката крв ќе го попрска светилиштето“. Предвидувањето за швајцарскиот кантон Тичино, кој граничи со Италија, и за кое Нострадамус пишува дека ќе биде „преплавено со крв“, е особено вознемирувачко, што укажува на неочекуван конфликт во срцето на неутрална и мирна Европа, потенцијално меѓу соседните држави.
Паралелно со уништувањето од војната, стиховите на Нострадамус наводно предвидуваат тектонско поместување во глобалната рамнотежа на моќ. Визијата за „три пожари што се издигаат од исток додека Западот ја губи својата светлина во тишина“ често се толкува како подем на азиските сили како Кина и Индија, кои ја преземаат водечката улога во технологијата, економијата и геополитичкото влијание. „Губењето на светлината“ на Западот би можело да биде метафора за економска стагнација, социјални немири предизвикани од напредокот во вештачката интелигенција на Истокот и длабока внатрешна криза обележана со политичка поларизација, ерозија на довербата во институциите и културни конфликти што ги поткопуваат темелите на западните демократии.
Политичката сцена во 2026 година е опишана и како исклучително турбулентна. Четворката „Голем рој пчели ќе се појави… во ноќта чека…“ се толкува како симбол на моќни политички личности или ненадејни сојузи што ќе го преобликуваат светот. Некои аналитичари веруваат дека ова би можело да значи значајни победи за влијателни светски лидери како што се американскиот претседател Доналд Трамп или рускиот претседател Владимир Путин. Уште позлокобен е стихот „Големиот човек ќе биде соборен од гром преку ден“, кој речиси едногласно се толкува како предвидување за атентат, ненадејна смрт или драматичен политички пад на истакнат светски лидер, што би го отворило патот кон целосен хаос и борба за превласт.
Освен војните и политичките превирања, пророштвата предупредуваат и на други опасности. Споменувањето на „чумата во Тоскана“ би можело да се однесува на појавата на нова смртоносна болест, но и на метафорична чума што ќе го погоди тој италијански регион. Современите толкувачи, како што е бразилскиот мистик Атос Саломе познат како „Живиот Нострадамус“, одат чекор понатаму и предупредуваат на исклучително силен бран на сончева активност на почетокот на март 2026 година, кој, според него, би можел да ги онеспособи електричните мрежи и комуникациските системи низ целиот свет. Во исто време, се предвидува дека вештачката интелигенција ќе достигне „точка од која нема враќање“, станувајќи толку моќна што човештвото ќе почне да ја губи контролата врз технологијата што ја создало.
И покрај низата темни визии, предвидувањата на Нострадамус за 2026 година завршуваат со неочекувана нота на оптимизам. Стихот „Сенките ќе паднат, но човек од светлината ќе се издигне. И ѕвездите ќе ги водат оние што гледаат внатре“ нуди надеж дека по период на хаос и уништување ќе следи духовна обнова. Според толкувањата, ова не подразбира доаѓање на спасител, туку можност човештвото, исцрпено од конфликти и материјализам, да се сврти кон подлабоки човечки вредности, внатрешен мир и повторно поврзување. Останува отворено прашање дали стиховите на Нострадамус, како што тврди „Хистори ченел“, се вистински пророштва или само огледало кое ги одразува вечните човечки стравови, оставајќи ја секоја генерација да ја чита својата судбина во нив.












