
Речиси четири години по почетокот на руската инвазија, украинскиот претседател Володимир Зеленски се соочува со нов бран критики од сопствените редови. Пратениците од опозицијата и активистите на граѓанското општество го обвинуваат украинскиот лидер и неговиот внатрешен круг за користење на „судска војна“ или инструментализирање на судовите за замолчување на политичките противници и заплашување на критичарите.
Најнов пример е случајот со Володимир Кудрицки, поранешниот раководител на државната енергетска компанија „Укренерго“, кој стекна меѓународна слава со успешното одржување на украинската мрежа во функција и покрај масовните руски напади со беспилотни летала и ракети. Сепак, во 2024 година беше принуден да поднесе оставка – како што рече во тоа време, поради „централизацијата на моќта“ во претседателската канцеларија.
Отпуштањето на Кудрицки беше осудено од многумина во енергетската индустрија и предизвика бура во Брисел. А сега тој е на обвинителната клупа, соочувајќи се со обвиненија за проневера, пишува Џејми Детмер за Политико.
Кудрицки тврди дека тоа е политички процес. На судот во Киев, тој рече дека „сакаат да го казнат затоа што не молчел“ и дека „корумпирани лица“ поврзани со властите стојат зад сè. Неговите тврдења ги делат многу пратеници и активисти од опозицијата, кои предупредуваат дека претседателот Зеленски и неговиот моќен шеф на кабинетот, Андриј Јермак, го користат судството како оружје за заплашување на противниците и замолчување на критичарите, обвинувајќи ги за корупција или соработка со Русија. Канцеларијата на Зеленски одби да коментира.
Поранешниот претседател Петро Порошенко, кој самиот се соочува со обвиненија за корупција и на кој му е замрзнат имотот, го обвини Зеленски за „авторитарен пресврт“ и обид за „отстранување на сите конкуренти од политичката сцена“. Пратеникот од опозицијата Микола Књажицки предупредува дека таквата практика ќе се интензивира доколку се распишат избори следната година.
Познатата активистка за борба против корупцијата Дарија Калењук има сличен став, тврдејќи дека владата ја користи војната како изговор за концентрација на моќ и задушување на демократските процеси.
„Овој случај нема смисла. Обвинението не докажува дека Кудрицки имал каква било лична корист. Сè изгледа како политичка пресметка“, рече Калењук по судењето.
Според достапните информации, случајот се однесува на договор што Кудрицки го потпишал пред седум години, кога бил заменик-директор за инвестиции. Работата никогаш не започнала, а Укренерго успеал да го врати авансот. Сепак, судот одредил кауција од 325.000 долари за неговото ослободување од притвор.
Некои аналитичари веруваат дека судењето против Кудрицки е само обид на властите да најдат „жртвени јарци“ ако украинскиот енергетски систем не ги издржи руските напади оваа зима. Русија, да ве потсетиме, сега сè повеќе ги таргетира украинските складишта и дистрибутивни центри за гас, а не само електричната мрежа. Повеќе од 60 проценти од Украинците зависат од природен гас за греење.
„На властите им треба виновник. Луѓето се веќе огорчени од честите прекини на електричната енергија и студените станови. Ако има продолжени прекини на електричната енергија, кабинетот на претседателот мора да има некого да обвини“, изјави западен советник за Политико под услов да остане анонимен.
Поранешната вицепремиерка Ивана Климпуш Цинцаѕе предупредува дека ваквите случаи испраќаат погрешна порака до меѓународните партнери. „Времето е многу лошо – додека Киев ја моли Европа за поголема енергетска помош, апси луѓе кои го одржуваат системот во живот со години“, рече таа.
Експертите и набљудувачите од странство ја делат загриженоста. Адриан Каратнички, виш соработник во Атлантскиот совет и автор на „Бојно поле Украина“, вели:
„Зеленски е исклучително храбар и инспиративен воен лидер, но постојат загрижувачки елементи во начинот на кој ја води земјата.
Како што војната влегува во својата четврта година, сè повеќе луѓе предупредуваат дека Украина, борејќи се за опстанок против Русија, би можела да го изгуби она што ја правеше различна – вербата во демократските институции и владеењето на правото.











