Потпретседателот на рускиот државен нафтен концерн Транснефт Андреј Бадалов почина во Москва откако падна низ прозорец, објави денес руската новинска агенција ТАСС.
Телото на Бадалов (62) е пронајдено под прозорецот на неговата вила во луксузниот кварт Рубљовка, објави агенцијата, повикувајќи се на полициски извори.
Судски извори изјавија за ТАСС дека причината за смртта е прелиминарно самоубиство и дека истрагата се движи во таа насока, пренесе „Танјуг“.
Бадалов е потпретседател на „Транснефт“ од 2021 година и во тоа својство бил одговорен за дигитализацијата на компанијата. Пред тоа, според агенциите, тој работел во индустријата за оружје и во институт кој, меѓу другото, бил одговорен за дигитализацијата на руските избори.
Според судски извори, Бадалов оставил самоубиствена порака.
Во последните години, во Русија имало неколку случаи на високи функционери и нивните семејства кои починале под необични околности, вклучувајќи неколку високи раководители во енергетскиот сектор. На пример, претседателот на одборот на директори на „Лукоил“, Равил Маганов, паднал од прозорец во Централната клиничка болница во Москва.
Два понови случаи беа смртта оваа година на раководителот на филијалата на Руската антимонополска служба во Република Карелија, полковник Артур Прјахин, и раководителот на Форензичкиот центар на Рускиот истражен комитет, полковник Алексеј Зубков, кои двајцата починале откако паднале од прозорец.
Во сите случаи, истрагата претпоставила дека станува збор за самоубиство.