Тело на маж исчезнат во 1997 година пронајдено во глечер во Пакистан

74

Телото на маж кој исчезнал пред 28 години е пронајдено во глечер во планинскиот регион Кохистан во северен Пакистан, соопшти локалната полиција. Телото го открил овчар во долината Лејди и било извонредно добро сочувано, со недопрена облека, објави Би-Би-Си.

Со телото е пронајдена лична карта на име Насирудин, кој исчезнал во јуни 1997 година откако паднал во пукнатина за време на снежна бура, соопшти полицијата.

Полицијата го потврдила неговиот идентитет откако ги проверила неговите документи, а локалното население потоа почнало да дава дополнителни информации.

Според семејството, Насирудин патувал со својот брат Катирудин во тоа време, откако го напуштиле семејниот дом поради расправија.

„Телото било недопрено. Неговата облека не била искината“, изјавил овчарот Омар Кан за Би-Би-Си.

Експертите велат дека откритието е резултат на брзото топење на глечерот предизвикано од климатските промени.

Професорот Мухамед Билал, раководител на Одделот за еколошки науки на Универзитетот Комсатс во Исламабад, објасни дека телото останало зачувано во глечерот поради екстремниот студ, ниската влажност и недостатокот на кислород, што спречило распаѓање и довело до мумификација.

Регионот е погоден од намалување на снежните врнежи и зголемување на температурите во последните години, што го забрзало повлекувањето на глечерите.

ИЗДВОЕНИ