Двајца браќа, на возраст од 55 и 53 години, се во притвор поради сомнение за двојното убиство на 34-годишна Сиријка и нејзината ќерка, чии тела беа пронајдени во станот на помладиот брат во Тирол.
Иако двајцата ја негираат вината за убиство, тие признаа дека го криеле телото, а постариот брат тврди дека станува збор за несреќа. Тиролската полиција, предводена од Канцеларијата на државниот обвинител во Инсбрук, помина месеци истражувајќи го случајот, кој директорот на покраинската полиција Хелмут Томац го нарече „специјален случај“, објавува Kleine Zeitung.
Мајката и ќерката беа пријавени за исчезнати на 25 јули 2024 година од роднина од Германија. По пријавата, 55-годишниот осомничен – колега на убиената жена со кој таа исто така имала близок приватен однос – изјавил дека таа и детето отишле на долго патување за да ги посетат нејзините родители во Турција. Последниот контакт со нив бил остварен на 21 јули, а потоа банкарската картичка на 34-годишната жена била користена неколку пати, дури и во странство.
По пријавата, полицијата го проверила станот на жртвата, кој бил „заклучен и немало никакви дополнителни индиции за тоа каде се наоѓа“, објаснила началничката на криминалистичката полиција, Катја Терш.
Сепак, истражителите сметале дека е „невообичаено“ што мобилните телефони на мајката и ќерката биле пронајдени во станот. Дополнително сомневање покренало сведочењето на сведок кој, на денот на исчезнувањето, слушнал тропање во станот и детски глас како вели: „Мамо“. Единственото лице кое го споменало патувањето во Турција бил главниот осомничен.
Бидејќи не можело да се воспостави контакт со мајката и ќерката, започнала интензивна меѓународна истрага. Анализирани се ИТ-податоците и спроведени се мерки за надзор, но местото на кое се наоѓаат исчезнатите лица останало непознато.
Беше евидентирано дека кратко време по исчезнувањето, од мобилниот телефон на жртвата биле испратени пораки до работодавачот и банката. Другите пораки доаѓале исклучиво до 55-годишникот, и ниту една од нив не била на арапски, мајчиниот јазик на жртвата. На главниот осомничен му бил префрлен и четирицифрен износ, што тој го оправдал со „отплата на долг“.
Сомневањето на крајот паднало врз колегата на исчезнатата жена и на неговиот брат, извести Терш.
Утврдено е дека дури и пред исчезнувањето на жртвите, браќата изнајмиле магацин и во него ставиле заклучен сандак за замрзнување. На денот на исчезнувањето, сандакот бил изваден од складиштето и подоцна вратен, а не долго потоа бил набавен уште еден. Една недела подоцна, двата сандаци биле преместени на тогаш непозната локација. По исчезнувањето, главниот осомничен го продал и накитот на жртвата.
Браќата беа уапсени во јуни оваа година, но откритието се случи дури на 12 ноември, кога 55-годишникот призна дека се случила несреќа и дека ги скрил телата. Неговиот 53-годишен брат, исто така, призна дека учествувал во прикривањето, но негираше дека знаел за убиството.
Телата конечно беа пронајдени минатиот петок, скриени во сандаци за замрзнување зад новопоставени гипс-картонски плочи во станот на помладиот брат.
Причината за смртта не можеше да се утврди поради состојбата на распаѓање на телата“, рече Терш, додавајќи дека се потребни дополнителни форензички испитувања. Телата биле во фрижидер, но електричната енергија во станот била исклучена откако осомничениот бил уапсен.
Точниот тек на настаните сè уште е нејасен. Според портпаролот на Канцеларијата на државниот обвинител, Хансјерг Мајр, телата биле „многу професионално“ скриени и затоа не биле откриени за време на претходниот претрес. Докази како што е набавката на замрзнувач пред самото злосторство укажуваат на планирано дело. Исто така, беше откриено дека главниот осомничен се обидел да продаде предмети од станот на жртвата преку онлајн платформа по нејзиното исчезнување.
Истрагата е во тек.












