Технолошки великани, академици, политичари, верски водачи, принцот Хари… бараат итно да запре развојот на вештачката суперинтелигенција

70

Група од повеќе од 850 влијателни личности од светот на технологијата, науката и на политиката повика на итно запирање на развојот на таканаречената суперинтелигенција, форма на вештачка интелигенција (ВИ) што би можела да ги надмине луѓето во сите когнитивни способности.

Меѓу потписниците на изјавата се основачот на „Вирџин груп“, Ричард Бренсон, и коосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, како и пионерите во областа на ВИ – Џошуа Бенџо и Џеф Хинтон, познати како „кумови на модерната ВИ“. Изјавата ја потпиша и професорот Стјуарт Расел од Универзитетот во Беркли, како и бројни други јавни и политички личности.

Во соопштението, како што пишува Си-ен-би-си, се нагласува дека развојот на суперинтелигенцијата отвора цела низа егзистенцијални ризици – од „економска застареност на луѓето“ и губење на контролата врз технологијата до загрозување на националната безбедност, граѓанските слободи, достоинството, па дури и можно исчезнување на човештвото. Потписниците повикуваат на мораториум и забрана за развој на суперинтелигенцијата, сè додека не се добие широка јавна поддршка и научен консензус дека ваквите технологии можат безбедно да се градат и контролираат.

Изјавата не дојде само од светот на технологијата – меѓу потписниците се академици, новинари, верски водачи, поранешни американски политичари и претставници на двете партии. Меѓу нив се и поранешниот претседател на Здружениот генералштаб на САД, Мајк Мален, и поранешната советничка за национална безбедност, Сузан Рајс, додека од другата страна на листата се Стив Банон и Глен Бек, медиумски сојузници на Доналд Трамп. Изненадување на листата се принцот Хари и војвотката Меган, како и поранешната ирска претседателка, Мери Робинсон, а бројот на потписници продолжува да расте.

Дебатата за суперинтелигенцијата го подели технолошкиот свет на две струи: оние што ја гледаат ВИ како најголема можност на човештвото и оние што ја гледаат како негова најголема закана. Интересно е што лидерите на најголемите компании за вештачка интелигенција, како што се Елон Маск и Сем Алтман, постојано предупредуваат за опасностите што би можеле да ги донесе технологијата што самите ја развиваат. Алтман напиша во 2015 година дека развојот на суперинтелигентните машини може да биде „најголемата закана за опстанокот на човештвото“, додека Маск оваа година изјави дека постои „20-процентна шанса вештачката интелигенција да го уништи човештвото“.

Според анкетата на Институтот за иднината на животот, само 5 проценти од Американците го поддржуваат брзиот нерегулиран развој на суперинтелигенцијата, додека мнозинството веруваат дека не треба да се развива „натчовечката вештачка интелигенција“ сè додека не се докаже дека е безбедна и строго контролирана, наведува Си-ен-би-си. Еден од потписниците, научникот Џошуа Бенџо, истакна дека системите со ВИ би можеле да ги надминат повеќето луѓе во когнитивните задачи веќе во следните неколку години, но дека, исто така, е потребно да се воспостават солидни научни и етички механизми за заштита.

ИЗДВОЕНИ