Тегла домашно подготвен ајвар се продава по 600 денари, ама вреди секој денар

Изминатите години, домашно приготвен ајвар се продава на социјалните мрежи. Цената варира, но генерално не е под 400 и над 600 денари за една тегла. Оние што подготвуваат домашен ајвар за продавање велат дека има трошок во ајварот, односно треба да дадете од 6.000 до 8.000 денари за 15 до 20 тегли ајвар. Доколку го продадете ајварот по 500 денари за тегла, вие сте добиле од 2.000 до 4.000 денари за два дена макотрпна работа. Сепак, и покрај тоа што е поскап од купечкиот, муштериите велат дека вреди секој денар, бидејќи е многу повкусен од оној во маркетите, каде што варираат цените од 130 до 400 денари, во зависност од големината на теглата и од производителот

79

На социјалните мрежи има многу огласи за подготовка на домашен ајвар. Цената варира, но генерално не е под 400 и над 600 денари за една тегла. Едни го прават со домашни пиперки, а други купуваат пиперки и модри патлиџани. Една жена што приготвува домашен ајвар вели дека го прави според вкусот на муштериите, едни сакаат со модри патлиџани и моркови, други само со црвени пиперки, трети сакаат со малку зелен пипер, четврти пикантен… И покрај тоа што е поскап од купечкиот, муштериите велат дека вреди секој денар, бидејќи е многу повкусен од оној што се продава во маркетите.

– За 15 до 20 тегли ајвар, потребни ви се 50 килограми пиперки, а цената се движи од 45 до 60 денари за килограм, зависи во кој град од државата сте. За таа количина ќе ви бидат потребни од 10 до 15 килограми модар патлиџан, чија цена се движи околу 20 денари за килограм. Овие цени се на големо, доколку ги купите во пилјара или на пазар, цените би биле многу повисоки, односно пиперката ќе ве чини од 60 до 90 денари за килограм, а модриот патлиџан – 30 денари за килограм. Што значи, треба да дадете од 2.500 дo 5.000 денари, зависи до цените, само за пиперки и за модар патлиџан. Ако додадете уште 500 денари за масло, сол, дрва… За да го направите ајварот, потребни ви се најмалку два дена доколку сами го правите. Автоматски тоа е, како трошок, три илјади денари. Што значи вие вложувате од 6.000 до 8.000 денари за да добиете од 15 до 20 тегли ајвар. Доколку го продадете ајварот по 500 денари за тегла, вие сте добиле од 2.000 до 4.000 денари за два дена макотрпна работа – објаснува една скопјанка што прави домашен ајвар.

Но, во другите градови во државата, тегла домашен ајвар се продава поевтино поради пониската цена на пиперките и на другите продукти што се потребни за овој наш традиционален деликатес, кој, освен тоа што го има редовно на секоја македонска трпеза, го бараат и странските туристи што доаѓаат во нашата држава.

– Правам ајвар, лутеница и малиџано… со домашни пиперки. Цената за една тегла ајвар од 750 милилитри е 450 денари, а лутеницата и малиџаното ги продавам по 400 денари. Јас произведувам пиперки ајварки и од нив правам домашен ајвар за нас, а бидејќи имам повеќе, правам домашен ајвар и го продавам. Модриот патлиџан го купувам, порано беше 125 денари вреќичка од пет кг, а сега е 200 денари. Има трошок, ако ги додадам на тоа маслото, дрвата, плинот, струјата, работната рака… Лани го продавав по 350 денари за тегла, а годинава бидејќи сè е поскапено, го продавам 100 денари поскапо. И оваа цена е ниска со оглед на тоа што некои го продаваат и по 600 денари – вели Цветан Неделкоски од Прилеп, кој продава домашен ајвар.

Тој вели дека има порачки од редовни муштерии, кои веќе пробале од неговиот ајвар и им се допаднал вкусот.

– Јас сум пензионер, имам свои пиперки и слободно време и зошто да не заработам некој денар плус? Од една тура во просек се заработува по неколку илјади денари. Ајварот има многу работа, но тука се и снаата и синот, кои ми помагаат кога имам повеќе нарачки – вели дедо Цветан.

Младите, но и оние постарите што се вработени и што немаат време, сè почесто се одлучуваат да нарачаат домашен ајвар.

– Сè помалку имам време за подготовка на ајвар, ама го сакам домашниот вкус. Секогаш го купувам од жени што го прават по стари рецепти, затоа што е неспоредлив со оној од маркетите. Малку е поскап, ама вреди секој денар бидејќи е многу вкусен – вели еден млад скопјанец.

Цените на домашниот ајвар на пазарите се движат од 400 до 500 денари за тегла, а малите производители ги коригираат цените според трошоците за пиперките, гасот, дрвото или за струјата што ја користат при подготовката. Во маркетите, пак, цените варираат од 130 до 270 денари за помали тегли, додека оние поголемите чинат од 160 до 400 денари.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ