Театарска претстава „Толку е тивко“ со лица со попреченост и со типичен развој

34

Во Центарот за култура „ Ѓорче Петров“, утре со почеток во 19:00  часот, ќе биде изведена премиерата на театарската претстава „Толку е тивко“ на театарот „Пи“ со лица со попреченост и со типичен развој.

Од Општина Ѓорче Петров соопштија дека „Толку е тивко“ е филозофска и длабоко сензитивна театарска исповед во која светот се открива низ внатрешниот поглед на девојче што го изгубило видот.

– Наместо визуелни слики, просторот се гради од звуци, допири, тишини и сеќавања, претворајќи ја сцената во жив лавиринт на чувства и мисли. Претставата нè води низ нејзиното детство, загубите и растењето, каде што темнината не е празнина, туку место во кое се раѓаат светлина, пријателство и смисла – информираат од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека со несекојдневни сценски средства и со силна емотивна нарација, „Толку е тивко“ ја преиспитува нашата перцепција за гледањето, постоењето и она што навистина значи да се „види“ светот.

Режијата и концептот се на Златко Митрески и на Македонка Илиевска Митреска.

Претставата е направена по автобиографски раскази на Борка Тадиќ. Проектот е поткрепен од Општина Ѓорче Петров.

Учесници се ученици од основните и од средни училишта од Ѓорче Петров и корисници на ЦПЛИП „Порака“ – Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ