Тажната приказна за Матилда (10), која беше убиена на плажата во Сиднеј: Нејзиното семејство се преселило од Украина

164
фото: EPA

Десетгодишната Матилда, беше една од 15-те жртви на масакрот во Австралија во неделата. Вооружениот напаѓач, 24-годишниот Навед Акрам, е формално обвинет за 59 кривични дела, вклучувајќи тероризам и 15 убиства.

Таа уживаше на одмор на плажата Бонди со своите родители, помладата сестра и пријателите кога двајца вооружени лица отворија оган. Матилда беше ранета во пукањето и итно префрлена во болница, каде што почина и покрај напорите на лекарите да ѝ го спасат животот,пишува Си-Ен-Ен.

„Децата треба да бидат среќни. Тие треба да си играат на плажа, а не да размислуваат за куршумите што летаат наоколу“, рече нејзината тетка Лина.

Родителите на Матилда зборуваа за последните моменти на нивната ќерка на комеморацијата во среда. „Како да трча среќно наоколу, а потоа… она што гледам е како лежи на земја“, рече низ солзи нејзината мајка, Валентина.

Таткото Мајкл раскажа дека ја завиткал кошулата околу својата ќерка додека таа му рекла дека не може да дише.

Наставничката по јазици на Матилда ја опиша како „светло, среќно и живо дете кое им донесе светлина на сите околу неа“. Наставничката Ирина Гуџу започна кампања GoFundMe во име на семејството на Матилда.

Семејството се преселило во Австралија од Украина во 1990-тите и, вели Лина, уживало во прошетки на плажа, пикници во парк и патувања во зоолошката градина.

Руското училиште „Хармони“ во Сиднеј на Фејсбук објави дека Матилда била поранешна ученичка. „Оддаваме почит на нејзиниот живот и времето што го поминала како дел од нашето училишно семејство“, се вели во објавата.

На јавната комеморација одржана во Бонди Павилјонот во вторник, таткото на Матилда, Мајкл, им кажа на присутните дека ја крстил својата ќерка Матилда затоа што таа е неговото прво дете родено во Австралија, според снимките објавени од Ројтерс. „Мислев дека Матилда е најавстралиското име што постои“, рече Мајкл.

Видливо потресена и без здив, Валентина рече дека откако ја напуштила Украина „не можела да замисли да ја изгуби својата ќерка тука“.

Откако ја прегрна мајка си, братот на Матилда, кој не сакаше да биде именуван, рече дека е утешен од сознанието дека неговата сестра „знаела дека е сакана“.

ИЗДВОЕНИ