ТАВ Македонија најави десет нови авиолинии од Скопје и Охрид

62

Македонските патници ќе имаат избор од десет нови авионски дестинации оваа зима, според најавите на ТАВ Македонија, операторот на аеродромите во Скопје и Охрид.

Со воведувањето на зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/26, двете леталишта ќе понудат нови линии и обновени рути што ќе ја засилат воздушната поврзаност со Европа и Азија.

Меѓу најочекуваните новини се линиите до Бари, Стокхолм и Базел, кои стартуваат на 27 октомври. Веќе следниот ден, 28 октомври, Скопје за првпат ќе биде поврзано со Мадрид, а ќе се врати и летот кон Ларнака.

Понатаму, на 15 декември ќе започнат и летовите за Прага и Келн, што дополнително ќе ја зајакне позицијата на скопскиот аеродром како регионален центар за нискобуџетни и редовни линии.

Нови линии и во 2026 година

Проширувањето на мрежата продолжува и на крајот на март 2026 година, кога авиокомпанијата Њизз Аир ќе ја врати линијата Скопје–Будимпешта и ќе воведе нова рута кон Неапол, додека аеродромот во Охрид ќе добие директна врска со Милано.
Десеттата нова дестинација е Женева, каде што ЕасѕЈет повторно ќе лета почнувајќи од 3 ноември.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека компанијата веќе преговара со авиопревозници за отворање директни линии со Данска, Финска и земји од Блискиот Исток. Паралелно се работи и на засилување на поврзаноста со Шпанија и Обединетото Кралство, што би можело дополнително да го зголеми туристичкиот и бизнис-потенцијал на земјата.

 

ИЗДВОЕНИ