Македонските патници ќе имаат избор од десет нови авионски дестинации оваа зима. Според најавите на „ТАВ Македонија“, операторот на аеродромите во Скопје и во Охрид, со воведувањето на зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/2026, двете леталишта ќе понудат нови линии и обновени маршрути што ќе ја засилат воздушната поврзаност со Европа и со Азија.
Меѓу најочекуваните новини се линиите до Бари, Стокхолм и до Базел, кои стартуваат на 27 октомври. Веќе следниот ден, 28 октомври, Скопје првпат ќе биде поврзано со Мадрид, а ќе се врати и летот кон Ларнака. На 15 декември ќе започнат и летовите за Прага и заК елн, што дополнително ќе ја зајакне позицијата на Скопскиот аеродром како регионален центар за нискобуџетни и редовни линии.
Проширувањето на мрежата продолжува и на крајот од март 2026 година, кога авиокомпанијата „Визер“ ќе ја врати линијата Скопје – Будимпешта и ќе воведе нова маршрута кон Неапол, додека аеродромот во Охрид ќе добие директна врска со Милано. Десеттата нова дестинација е Женева, каде што „Изиџет“ повторно ќе лета, почнувајќи од 3 ноември.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, изјави дека компанијата веќе преговара со авиопревозници за отворање директни линии со Данска, Финска и со земји од Блискиот Исток. Паралелно се работи и на засилување на поврзаноста со Шпанија и со Обединетото Кралство, што би можело дополнително да ги зголеми туристичкиот потенцијал и бизнис-потенцијалот на земјава.