Сведочењето на родител, кој ноќта на 16 март бил пред клубот „Пулс“, ја потресе судницата. Тој раскажа дека во клубот биле неговиот син и неговите другари, кои само дел од случајноста ги спасила од огнената стихија.
„Со другарите бевме на кафе и решивме да одиме во ‘Пулс’, таму ни беа децата“, сведочеше мажот. Влегол во клубот пред два часот по полноќ, се поздравил со познаник на шанкот и застанал со другарите. На синот му пишал порака дека е таму, а момчето одма дошло да му покаже каде е нивната маса, пред бината. Набргу момчето се вратило, овојпат со девојче, со желба да ги запознае. „Беше гужва, им реков да излезат на воздух“, рече сведокот. Во истиот момент, панично излетал другар на неговиот син, викајќи: „Чичко Дени, се запали диското!“ Од клубот почнал да излегува густ дим. Синот се обидел да се врати внатре по јакната, но таткото го сопре. „Чекај сине!“, му рекол.
Почнале да се слушаат крици од внатре, светлата изгаснале, а чадот станал неподнослив. Сведокот почнал да ги извлекува децата што излегувале и да ги носи на својот имот. Од женското веце допреле вресоци. „Прозорецот беше со решетки. Ги скршив стаклата. Девојчињата се фатија за решетките за да дишат. Син ми викаше зад мене:‘Тато, те молам спаси ги!’“ „Ги прскав со вода, ги смирував. Девојчињата ме молеа: ‘Чичко, прскај! Полесно ни е да дишеме!’ – сведочеше тој со солзи во очите. Сведокот се обидел да донесе брусалица за да ги пресече решетките, но пожарникарите тогаш веќе пристигнале. Со заштитна маска и црево, продолжил да прска вода. „Така се спасивме и ние од повреди“, додаде. Во еден момент му дошле со повредено дете со тешки изгореници. „Ми текна дека на изгореници не смее вода“, рече тој. Таванот почнал да паѓа, но пожарот бил изгаснат. Рано утрото видел мртви тела насекаде во објектот.
Судењето продолжува во понеделник, со сведочења на родители.












