Таткото тепач на фудбалери побара симултан превод на албански јазик

40
Во судот во Штип се одложи судењето за инцидентот на стадион „Бело Брдо“

 

Во штипскиот Основен суд се одложи судењето на 43-годишниот родител, кој физички нападна двајца малолетни фудбалери на натпреварот меѓу „Шкупи“ и „Брегалница“, бидејќи неговиот бранител побара судот да му обезбеди превод на албански јазик на обвинителниот предлог, но и симултан превод во текот на судскиот процес. Судскиот процес се презакажа на 29 септември.

Основното јавно обвинителство во Штип поведе и обвинителен предлог против 43-годишниот родител, за кривично дело – Насилство, што се случи на игралиштето „Бело Брдо” на 24 август. Инцидентот се случи во 89 минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот, кој играл за ФК „Шкупи”.

Незадоволен од одлуката, најпрвин синот се однесувал неспортски и со тупаници и клоци се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на ФК „Брегалница“. Тогаш на терен влегол таткото. И тој со тупаници и клоци почнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди – повеќе набиеници и скршеници на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот, се вели во соопштението од ОЈО од 25 август.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веднаш му изрече најстрога казна – исклучување од фудбалска организација на играчот со дрес број девет на ФК „Шкупи“, чијшто родител е во притвор. Покрај него, на уште двајца фудбалери на „Шкупи“ кои се вклучени во инцидентот им е изречена казна забрана за играње во траење од три месеци. Казна да не игра четири натпревари заработи и 15-годишен фудбалер на штипскиот тим „Брегалница“, кој се впуштил во груба игра и самозаштита при нападот. За овој инцидент има и мерки и за двата фудбалски клуба.

ИЗДВОЕНИ