Ерол Маск, таткото на познатиот милијардер Елон Маск, го привлече вниманието на светските медиуми откако се појави како еден од главните говорници на форум за иднината во Москва, организиран од националистичкиот институт Царград. Веста ја објавија бројни медиуми, вклучувајќи го рускиот РБК и украинскиот Киев Пост.
Во видео споделено од новинарот Џејсон Џ. Смарт, Ерол Маск коментира за конфликтот на неговиот син со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Илон направи грешка, но е уморен и под голем стрес“, рече Маск постариот.
Интересно е што Ерол Маск беше наведен како втор најважен говорник на форумот, веднаш по рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Меѓу другите говорници беа познатиот теоретичар на заговор Алекс Џонс, како и американскиот економист Џефри Сакс.
Ерол Маск претходно предизвика контроверзии со своите ставови. Во интервју за руската филијала на Би-Би-Си во април, тој рече дека целото семејство „го почитува“ рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако го гледате само како личност, а не низ призмата на меѓународната политика, тешко е да не го почитувате“, рече Ерол Маск во тоа време.