Таравари уште не заминат ДУИ го нанишани етничкиот легитимитет на Владата

29

Од парламентарно мнозинство составено, досега, од 78 пратеници кон мнозинството од 73 народни избраници, при што деветмина од нив ќе бидат од албанската етничка заедница. Оваа состојба што може да се случи доколку сите петмина пратеници на крилото на Алијанса за Албанците ја прифатат одлуката на својот лидер, Арбен Таравари, извесно ќе биде основа за оспорување на „етничкиот легитимитет“ на актуелната македонска Влада. Но, не само тоа туку и основа за барањата за одржување предвремени парламентарни избори. Сценариото на кое, во изминатиов период, укажуваа одредени политички аналитичари, дека со заминувањето на Таравари од Владата ќе се зајакнат позициите, оспорувањата и барањата на опозициската ДУИ, практично почна и да се случува. Опозициските „интегративци“ вчера, од партиското соопштение, директно порачаа дека Владата веќе го нема легитимитетот на претставување на најголемите етнички заедници во земјава.

– Владата предводена од Христијан Мицкоски не успеа да ја одржи функционалноста на меѓуетничката демократија – главниот столб на долгорочната стабилност на државата. Со заминувањето на уште еден албански партнер, политичкото мнозинство без етнички легитимитет се трансформираше во моноетничка влада. Предупредувавме за ова уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, бидејќи тоа беше изградено врз монструозната амбиција да се дисциплинира цел конститутивен народ и, според нивните зборови, „да им се покаже местото на Албанците“. Она што е особено загрижувачко е фактот што наместо да ги признае своите неуспеси, премиерот предупредува на уште поостра и поагресивна кампања за зачувување на континуитетот на оваа моноетничка влада – посочија од опозициската партија.

Оттаму укажуваат дека зад сцената се одвива срамна уцена врз пратениците, функционерите и администрацијата – Албанци, Турци и други претставници на немнозинските заедници.

– Целта е да се обезбеди некаков вид лажна мултиетничка поддршка за оваа Влада. Овие очајнички обиди да се добие некаков легитимитет ќе пропаднат, но ќе остават зад себе длабоки последици во меѓуетничките односи. Ова парламентарно мнозинство не успеа во клучните стратешки интереси на државата и затоа се распаѓа. Време е легитимитетот на политичките претставници да се преиспита преку предвремени парламентарни избори – потенцираа од ДУИ.

Ова е најновото во низата и серија партиски соопштенија и ставови со кои се оспорува легитимитетот на актуелната Влада. А тие практично започнаа уште по ланските избори, кога премиерот Мицкоски состави Влада во коалиција со четирите партии во рамките на „Вреди“, а кои освоија околу 107.000 гласа и вкупно 14 пратенички мандати. Наспроти ова, коалицијата на повеќе партии, „Европски фронт“, предводена од ДУИ, освои 18-мина пратеници и околу 138.000 гласа. Премиерот Мицкоски и досега категорично ги отфрлаше тврдењата на ДУИ за немање легитимитет, а така кажа и завчера, во текот на посетата на скопската општина Гази Баба.

– Владата е стабилна и ќе продолжи да работи. Јас забележав и мислам дека Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба следната недела, на која ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам, пред сѐ, добро здравје. Морам да кажам дека најмалку што очекував да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и на другите, но тоа е, сепак, негова одлука и, убеден сум, одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел на луѓето што се дел од оваа Влада – рече премиерот.

На таа изјава прексиноќа реагираше Таравари, кој рече дека премиерот е „под притисок на некои уверувања од албанската група во Владата“.

– Жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие „уверувања“. Единствената вистина е дека ние, како партија, одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на шпекулации и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во Владата, за жал, не може да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет. Партијата е многу блиску до одлука за напуштање на Владата и се очекува таа да биде донесена пред партиските тела денеска или утре. Маргинализацијата на Албанците и отстапувањето на Владата од патот кон Европската Унија повеќе не може да се прифатат. За жал, ова не е промената што ја очекуваа Албанците. Постои длабока маргинализација на Албанците во државната администрација. Кога сме во Владата, не сакаме да бидеме кукли – изјави Таравари на прексиноќешното отворање на партискиот штаб во Општина Врапчиште.

Неизвесноста сега се врзува со тоа дали сите петмина пратеници на крилото на АА ќе го следат лидерот во напуштањето на Владата. На вчерашната редовна понеделничка координација кај собранискиот спикер, Африм Гаши, не се појави нивни претставник. Од друга страна, енигма е и ставот на министерот за доброто владеење, Арбен Фетаи, кој во своите ставови на социјалните мрежи и натаму ја критикува ДУИ.

Весна Бендевска, потпретседателката на движењето ЗНАМ, кое е трет партнер во Владата, вчера категорично кажа дека Владата има етнички легитимитет.

– Еден политички субјект од четирите во „Вреди“ излегува од „Вреди“. Остануваат три партии, кои ќе бидат здружени во еден политички субјект. И оваа Влада е сè, само не е моноетничка. Инаку, неодговорно е јас да тврдам што ќе се случува со нивните пратеници – потенцира Бендевска.

И политичките аналитичари што ги консултира ВЕЧЕР сметаат дека ставовите што доаѓаат сега од ДУИ се очајнички обиди за да станат релевантни.

– Изјавата на ДУИ дека Владата наводно го загубила етничкиот легитимитет е очајнички обид да се релевантни откако народот јасно ги испрати во опозиција. Владата има силен етнички легитимитет од Албанците преку „Вреди“, кој доби доверба од 107 илјади граѓани, и тоа наспроти сите притисоци, уцени и злоупотреби што ги правеше ДУИ во текот на изборната кампања. Одлуката на Таравари да се одвои од „Вреди“ е индивидуален политички маневар што не го поткопува јасниот мандат што го доби „Вреди“ од албанските гласачи. Не одлучуваат петмина пратеници кој ја претставува волјата на Албанците, туку целиот народ, кој се изјасни јасно и гласно – смета аналитичарот Џенур Исени.

Според него, времето на политичка хегемонија под превезот на етничкиот легитимитет е завршено.

– Она што следува е нова фаза на плурализам во албанскиот политички блок, каде што легитимитетот ќе се темели на демократска репрезентативност, отчетност и на автентична застапеност, а не на клиентелизам и на институционален монопол – нагласува Исени.

(Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ