Во име на народот, а всушност за мир во коалициите, партиите во фузирачки налет пред претстојните локални избори прават предизборни коалиции, алијанси, фронтови… Лидерот на најголемата владејачка партија, Христијан Мицкоски, од Велес рече дека преговорите за поддршка на кандидатите од коалиционите партии се движат во добра насока. Интересна е комбинаториката во албанскиот опозициски блок каде на чекор до официјализирање е голема Алијанса за Албанците во која Арбен Таравари и Зијадин Села ќе ги закопаат секирите сè со цел, како што велат, обединување на албанскиот народ. ДУИ, пак, формира голем фронт кој ќе има за цел да ѝ се спротивстави на, како што ја нарекуваат, антинационалната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој блок е интересна најавата дека ексминистерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја подготвува кандидатурата за градоначалник на Чаир
Коалиции, алијанси, фронтови, партиите во фузирачки налет за претстојните локални избори. Лидерот на најголемата владејачка партија, Христијан Мицкоски, од Велес рече дека преговорите за поддршка на кандидатите од коалиционите партии се движат во добра насока.
–Со ЗНАМ имаме принципиелен договор дека тие одат со свои советнички листи, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со свои, а во оние општини каде ќе одлучиме да поддржиме кандидат, дали од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или од ЗНАМ, едните или другите нема да истакнуваат кандидат, ќе се поддржуваат меѓусебно. Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, очекувам уште во првиот круг да ги поддржиме кандидатите на оваа коалиција затоа што силно веруваме дека партијата којашто повеќе од 20 години не направи ништо и примарно ѝ беше да издава лиценци за марихуана, да отвора казина, да игра фудбалчиња по канцеларии, треба да биде поразена на овие избори и да замине во историјата на македонската политичка сцена“, изјави Мицкоски.
Во албанскиот опозициски блок на чекор до официјализирање е голема Алијанса во која Арбен Таравари и Зијадин Села ќе ги закопаат секирите сè со цел, како што велат, обединување на албанскиот народ. Бујар Османи, во интервју за јавниот сервис каде практично ја најави кандидатурата за градоначалник на Чаир, рече дека се формира голем фронт кој ќе има за цел да ѝ се спротивстави на антинационалната кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се формира голем фронт со Таравари и со граѓански организации, дел е од неформалната Алијанса која ќе има за цел спротивставување на антинационалната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. Зијадин Села и Арбен Таравари во една Алијанса бидејќи прашањето со кои се соочува албанскиот народ ги надминува етничките поларизации“, изјави Османи и најави дека старо-новите политички пријатели ги добиваат старо-новите општини, Таравари – Гостивар, а Села – Струга.
„Веќе се водат разговори, ќе има заеднички договор. Има подготвеност во Гостивар да се кандидира Таравари или негов човек“, рече Османи. Дека Села е кандидат за Струга од Европскиот фронт, објавија и дел од албанските медиуми во земјава. Села на овие локални избори ќе се обиде по третпат да стане градоначалник на Струга. Досега е најавена независна кандидатура за струшки градоначалник, на бизнисменот Менди Ќира, поддржана од ВРЕДИ. Заменик-премиерот и еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ – Арбен Фетаи, неодамна во Струга го предизвика својот експартиски колега, Зијадин Села.
„Зијадин, бујрум мери се со Менди Ќира и да видиме во октомври кој ќе ја освои Струга!“, изјави тогаш Фетаи и ги обвини Села и Таравари дека се обидуваат да го вратат Али Ахмети на власт преку тајни договори.
Од ДУИ не го откриваат името на кандидатот со кој ќе трчаат за Тетово, каде сè поизвесно е дека актуелниот градоначалник Биљал Касами по втор пат ќе се обиде да ја добие довербата. Во моментов, во фокусот на партиските анкети е скопски Чаир.
„Чаир е важен за ДУИ сега сум во фаза на слушање на луѓето околу мене, има добри анкети се даваат подршка. Чаир е место кое за жал е заложник на лоша политика повеќе од пет мандати и таа политичка одговорност има име и презиме, рече Османи мислејќи на владеењето на Изет Меџити додека беше дел од интегративците, а сега сериозен противник од спротивниот табор. Евентуални предвремени парламентарни избори на пролет, Османи ги услови со резултатите од локалните во октомври.
Во понеделникот спикерот Африм Гаши најави дека општинските избори ќе ги распише на 8 август. Изборите и натаму се неизвесни за независните кандидати кои според последното соопштение разговорот кај претседателката не влејал со надеж.
-Бараме во најкус можен рок заглавените противуставни измени на Изборниот законик да се повлечат и да се предложат нови кои ќе бидат во линија со одлуката на Уставниот суд. Да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидат. Да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК. Да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена. Да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот. Да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка. Да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања, бараат независните. Според последните информации, партиите сеуште не се договориле по измените во ИЗ. (П.А.)