„Не можете да ставите цена на креативноста, но очигледно, можете да ставите тарифа на неа“, рече Роберт Де Ниро на отворањето на Канскиот филмски фестивал, примајќи ја „Златната палма“ за животно дело од Леонардо Ди Каприо. Тој својот говор го искористи да повика на протест против американскиот претседател Доналд Трамп

Повикот за протест на добитникот на „Златна палма“ за животно дело, Роберт де Ниро, против американскиот претседател Доналд Трамп, наменет за „сите на кои им е грижа за слободата“, проекцијата на дебитантскиот филм „Замини еден ден“ (Leave One Day) и култниот режисер Квентин Тарантино го означија стартот на 78. Кански филмски фестивал што се отвори синоќа во Гранд театарот „Лумиер“, лоциран во луксузниот јужен град на француската ривиера.

Холивудската икона де Ниро во својот говор за време на врачувањето на наградата на свечената церемонија во Кан го нарече Трамп „филистар“ и ја нападна неговата предложена филмска тарифа.

Леонардо Ди Каприо му ја врачува „Златната палма“ на Роберт де Ниро

„Трамп го намали финансирањето и поддршката за уметноста, хуманистичките науки и образованието. А сега објави 100% тарифа за филмови произведени надвор од САД“, рече 81-годишниот актер, познат по филмовите „Таксист“, „Побеснетиот бик“ и „Убијците на цветната месечина“.

„Не можете да ставите цена на креативноста, но очигледно, можете да ставите тарифа на неа“, додаде Де Ниро кој „Златната палма“ ја прими од долгогодишниот соработник, актерот Леонардо Ди Каприо.

 Канското жири на чело со Жулиет Бинош

На свеченоста на отворањето беше претставено и овогодишното фестивалско жири, на чело со француската актерка Жулиет Бинош, во кое меѓу другите е и американска актерка, оскаровка, Хали Бери.

Бинош, претседателката на жирито, го искористи својот говор за да ѝ оддаде почит на палестинската фоторепортерка Фатма Хасона, која била убиена во израелски воздушен напад во Газа и е тема на документарец што ќе се прикаже во Кан.

„Војна, сиромаштија, климатски промени, примитивна мизогинија… Уметниците имаат можност да сведочат за другите. Колку е повисоко нивото на страдање во светот, толку е поважно учеството на уметниците. Уметноста останува, таа е моќно сведоштво за нашите животи, на нашите соништа, а ние, гледачите, ја прифаќаме. Нека Канскиот фестивал, каде што сè може да се случи, придонесе за тоа“, рече Бинош, обраќајќи им се на присутните на церемонијата.

 Квентин Тарантино со сопругата

Тарантино, американскиот режисер кој ја започна својата кариера во Кан, пак, го прогласи фестивалот за отворен, и буквално го испушти микрофонот пред публиката пред да се смести за да го погледне филмот на отворањето, француската комедија „Leave One Day“, дебитанско остварување на режисерката Амели Бонин.

Сцена од „Leave One Day“

Како што пренесе „Ројтерс“, иако организаторите нагласувале дека сакаат да ја избегнат политиката и да се фокусираат на филмовите, овогодишното вклучување на филмови од Газа, Украина и Иран, како и најавата на царините на Трамп непосредно пред фестивалот, го насочија фокусот кон светот надвор од Кан.

Инаку, на фестивалот меѓу дваесетината наслови во главната селекција кои ќе се натпреваруваат за „Златната палма“ се новите остварувања на Вес Андерсон „Феникиската шема“ (The Phoenician Scheme), на Ричард Линклејтер „Nouvelle Vague“, на Ари Астер „Едингтон“ (Eddington), на Јулија Дукурно „Алфа“ (Alpha), на Јоаким Трир „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value), на Лук и Жан-Пјер Дарден „Jeunes Mères“. Во трка за наградата се и филмовите на Џафар Панахи „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just An Accident), потоа на Оливер Херманус „Историја на звукот“ (The History Of Sound), на Кели Рајхарт „Мастермајнд“ (The Mastermind), на Сергеј Лозница „Deux Procureurs“, на Марио Мартоне „Фуори“ (Fuori), на Доминик Мол „Досие 137“ (Dossier 137), на Карла Симон „Romería“. Надвор од конкуренција на 78. Кан публиката ќе може да ги види „Невозможна мисија: Последната пресметка“ (Mission: Impossible – The Final Reckoning), којшто ќе биде прикажан во присуство на Том Круз, новиот филм на Ребека Злотовски „Ви Привје“ (Vie Privée) со Џоди Фостер во главната улога, како и „Highest 2 Lowest“ на Спајк Ли.

Фестивалот ќе трае до 24 мај, и на него се очекува да земат учество многу интернационални ѕвезди.

Фото: EPA/EFE

ИЗДВОЕНИ