„Танец“ на регионална турнеја

18

Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, од утре стартува со голема регионална турнеја која ќе опфати настапи во неколку земји.

Турнејата насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“, започнува на 24 септември, со почеток од 19:30ч во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“, во Валпово, Хрватска; следува настап на 26 септември, со почеток од 19ч што ќе одржи во „Прешерново Гледалишче“, во Крањ, Словенија; а „Танец“ со концерт настапува и на 28 септември, од 19ч во Das MuTh – Konzertsaal, во Виена, Австрија. Турнејата ќе се заокружи во Босна и Херцеговина, на 30 септември со почеток од 19ч во Домот за култура Лакташи, во истоименото место Лакташи.

-Оваа турнеја претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да го доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на нашите уметници. Присутните на настапите ќе има можност да уживаат во внимателно избрана програма која вклучува дел од најпознатите и најавтентичните македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот, соопштуваат од „Танец“.

Инаку, „Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура ширум светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими, автентична музика „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена.

-Оваа турнеја има за цел да го претстави и промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите. Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија. Оваа турнеја е повеќе од обични настапи; таа е културна мисија и со истата ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта, додаваат од ансамблот.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ има настапувано на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и зачувување на традицијата. Нивната мисија е да ја негуваат и промовираат македонската народна култура низ целиот свет.

ИЗДВОЕНИ