– Нашата турнеја низ Балканот беше навистина големо искуство. Можам да кажам дека сме многу задоволни и исполнети што уште еднаш Ансамбл „Танец“ ја исполни својата мисија. Навистина е голема награда кога публиката ги препознава посветеноста и вложениот труд на сите вработени врвни професионалци, кои со врвна форма, енергија и страст во еден здив ги реализираа сите четири концерти. Балканската публика е позната по својата емотивност, но ова беше нешто посебно. Чувството на поврзаност што го доживеавме со публиката е нашиот најголем успех. Се враќаме со полни срца, инспирирани и веќе подготвени за следните настапи“, ги сподели своите впечатоци за весникот ВЕЧЕР Весна Митевска, директорката на НУ Ансамбл Танец, по завршувањето на турнејата

 

Од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, од богатата носија до извонредната кореографија… Нашиот најголем културен амбасадор во светот, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, уште еднаш реализираше успешна турнеја низ неколку држави во регионот. Претставувајќи го македонскиот фолклор, ја крена публиката на нозе на своите настапи, спојувајќи ги присутните и изведувачите во заеднички ритам.

Турнејата насловена „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, започна на 24 септември, во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“, во Валпово, Хрватска. Следуваше настапот на 26 септември, во „Прешерново Гледалишче“, во Крањ, Словенија; а „Танец“ со концерт настапи и на 28 септември, во Das MuTh – Konzertsaal, во Виена, Австрија. Турнејата беше заокружена со настапот во Босна и Херцеговина, на 30 септември во Домот за култура Лакташи, во истоименото место Лакташи. Настапите на „Танец“ беа вистински празник за очите и душата, а публиката имаше можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“… и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија.

„Впечатоците се фантастични, дури и над нашите очекувања. Оваа турнеја низ Балканот беше навистина големо искуство. Можам да кажам дека сме многу задоволни и исполнети што уште еднаш Ансамбл „Танец“ ја исполни својата мисија. И покрај тоа што програмата беше иста, сепак, секој концерт беше посебна приказна. Навистина е голема награда кога публиката ги препознава посветеноста и вложениот труд на сите вработени врвни професионалци, кои со врвна форма, енергија и страст во еден здив ги реализираа сите четири концерти. Но, исто така е важно е да се нагласи и приемот во секоја држава. Бевме пречекани со огромна љубов и топло гостопримство. Балканската публика е позната по својата емотивност, но ова беше нешто посебно. Чувството на поврзаност што го доживеавме со публиката е нашиот најголем успех. Се враќаме со полни срца, инспирирани и веќе подготвени за следниот настап“, ги сподели своите впечатоци  за весникот ВЕЧЕР Весна Митевска, директорка на НУ Ансамбл „Танец“. Таа додаде дека реакцијата на публиката беше навистина извонредна и ги надмина сите нивни очекувања.

„Веќе од самиот почеток почувствувавме енергија и поддршка. Луѓето беа видно возбудени, исклучително концентрирани и аплаудираа со воодушевување. По завршувањето, добивме многу позитивни критики, а особено беа истакнати оригиналноста на концептот и синергијата на изведувачите. Тоа беше потврда дека нашата визија и мисија е прифатена“, додава Митевска.

Инаку, оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија, која велат од „Танец“, успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ги претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор. Публиката, пак, беше воодушевена од енергични кореографии и раскошни носии, кои ја пренесуваат богатата македонска култура и традиција, а секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.

Директорката Митевска додава дека Националниот ансамбл „Танец“ традиционално има богата агенда, особено кон крајот на годината.

На 9 октомври „Танец“ ќе се претстави со целовечерен концерт во Прилеп, на 14 октомври во Валандово, а на 16 октомври во Куманово.

„Ноември, конкретно 20 ноември, имаме предвидено целовечерен концерт по повод 10 години јубилеј од впишувањето на „Гласоечко“ на листата на УНЕСКО. Потоа ќе следува уште едно меѓународно патување во Република Бугарија, и на 20 декември ќе се одржи еден од најважните домашни ангажмани, а тоа е нашиот традиционален годишен концерт“, открива за весникот ВЕЧЕР, директорката Митевска.

Основан во мај 1949 година со указ од тогашната влада, ансамблот беше создаден од потребата – длабока, исконска потреба – да се зачува она што сме… Со децении „Танец“ расте, се развива, гради репертоар што станува златна антологија на македонското народно творештво: од длабокото и моќно „Тешкото“, до разиграното „Чифте Чамче“, од комитското јунаштво до нежноста на „Невестинското“. (Д. Т.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ