Во текстот за песната „Тамо“, авторката Вјекослава Хуљиќ успеала поетски да го долови оној непогрешлив печат на Чолиќ – емоцијата што се движи меѓу копнежот и ведрината, меѓу сеќавањето, драгите спомени и вечното траење. Како што Здравко трае на естрадната сцена!
Легендарниот поп-пејач Здравко Чолиќ има нова песна, потенцијален хит. Се вика „Таму“ (Тамо), а првпат е создадена во соработка со хитмејкерите од Сплит, композиторот Тончи Хуљиќ и текстописецот Вјекослава Хуљиќ. Иако Здравко се познава со Тончи и со Вјекослава со децении, сепак ова е нивната прва заедничка песна, која обожавателите на пејачот со нетрпение ја очекуваа. Но, и не се многу-многу претерано воодушевени од песната. Реакциите се најразновидни, и одат од крајност во крајност. Додека некои зборуваат дека песната „Тамо“ (Таму) е далеку подобра и похитовска од онаа што Дино Мерлин неодамна му ја напиша на Чолиќ и која прилично бледо помина, другите велат дека на пејачот веќе тешко можат да му се повторат огромните хитови од она некогашно златно ЈУ-шлагерско време.
Здравко и онака сè уште ги пее тие песни на своите концерти, а реакциите на публиката се повторно одлични. Како на пример: „Живиш у облацима мала“,„Продужи даље“, „Гори ватра“, „Ти си једина од свих“, „Станица Подлугови“, „Кристина“, „Април у Београду“, „Пусти, пусти моду“, „Побјегнимо који дан на море“….
Сепак, со текстот за песната „Тамо“, Вјекослава Хуљиќ успеала поетски да го долови оној непогрешлив печат на Чолиќ – емоцијата што се движи меѓу копнежот и ведрината, меѓу сеќавањето, драгите спомени и вечното траење. Како што Здравко трае на естрадната сцена, обожаван од милиони луѓе. Тоа е една современа балада која има класичен допир со бојата на неговиот препознатлив глас. Миксот за песната го создаде Томо Мрдуља, додека видеоспотот е снимен во убавиот Сплит на Јадранско Море. Целата атмосфера на песната се надоврзува со медитеранска топлина помешана со кусата филмска приказна. (Д. М.)












