„Таму каде што не сме“ е насловот на стихозбирката од бугарскиот писател Георги Господинов што утре ќе излезе од печат во издание на „Или-или“.
– По шесте прозни изданија и една детска книга, ова е првата стихозбирка на скопската издавачка куќа од популарниот писател во препев на Никола Маџиров, а нејзиното објавување е поддржано од „Традуки“ и од Министерството за култура, посочуваат од издавачката куќа „Или-или“.
Георги Господинов е еден од највлијателните современи бугарски писатели, роден во 1968 година во градот Јамбол. По образование е филолог и литературен историчар, но својата кариера ја започнува како поет и токму поезијата е првиот јазик преку кој го изразува светот. Неговата прва збирка поезија, „Лапидариум“ (1992), веднаш привлекува внимание со својот лаконски стил, меланхоличниот и носталгичен тон. Следуваат „Црешата на еден народ“ (1996), „Писма до Гаустин“ (2003) и „Таму каде што не сме“ (2016).
Во македонското издание на „Таму каде што не сме“ ексклузивно се објавени и неколку досега необјавени песни на Господинов.
– Иако Господинов е меѓународно познат по своите романи, како „Физика на тагата“ и „Засолниште во времето“, тој никогаш не ја напушта поезијата. Во едно интервју, тој вели: „Ја негувам онаа литература што се распаѓа. Што мириса на минато. На изгубени нешта. Тоа е поезијата“, додаваат од „Или-или“.












