„Тамбурашкиот фестивал“ – бренд на Куманово!!! Врвни музичари од Македонија, Србија и од Австрија на едно место

91

Градот Куманово навистина може да се пофали со музички манифестации ова лето. Овој петок 22.08. на градскиот плоштад, каде што е слободен влезот, по дваесет и први пат ќе се одржи меѓународниот „Тамбурашки фестивал“,  и тоа во организација на Фондацијата за култура и спорт – Куманово, а под покровителство на Градоначалникот на градот и на Советот на Општината.
На фестивалот ќе настапат тамбурашки оркестри од Македонија, Србија и од Австрија, како и неколкумина пејачи од Македонија. Меѓу гостите од странство се истакнува името на Бако Јовановиќ од Виена кој инаку, потекнува од славната лоза на тамбурашите од времето на Канскиот филмски спектакл “Собирачи на пердуви“ и легендарната ромска химна “Џелем, џелем“.

Секако, дека тука е и најпознатиот кумановец, распеаниот Нино Величковски, кој долги години беше успешен уметнички директор. Сега, откако официјално е заминат во пензија, со целото свое искуство им помага на своите помлади колеги од Општината, „Тамбурашкиот фестивал“ да не загуби ништо од своето значење, од својот сјај во овој дел од Балканот.
– „Тамбурашкиот фестивал“ е бренд. Очекуваме дека ќе имаме одлична атмосфера, одлична посетеност и дека ќе го оправдаме постоењето за овие претходни дваесет години – истакнува Нино.

Тој објаснува дека кумановските тамбураши започнале со реализација на идејата за организирање ваков меѓународен тамбурашки фестивал во Куманово, сè со цел да се спаси од заборавот овој вид македонска музика. И не само македонската туку и балканската. Тамбурата, како инструмент, е составен дел на културата на народите на Балканот. Затоа, а и од милион други причини, старата тамбурашка и оваа новокомпонираната и овој август, во живо, на крајот од летото, ќе се разлее од македонското Куманово, насекаде во балканските земји. Да уживаме!Максимално!!!   (Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ