Тамара Котевска на 82. Венециски фестивал со нашиот Силјан и мамутите од Сибир

18

Тамара Котевска на 82. Венециски филмски фестивал оваа година ќе се претстави со два документарни филмови.

Освен со „Силјан“ (The Tale of Silyan), којшто на 29 август ќе има својата светска премиера во селекцијата Out of Competition, македонската режисерка со нејзиниот четврти долгометражен документарец кој се снима во Сибир е селектирана на престижниот копродукциски маркет на Венеција. Се работи за филмскиот проект „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“ кој се најде меѓу тесната селекција на копродукцискиот маркет на Венецискиот фестивал.

За својот нов документарец Котевска заминала за Сибир на последната точка на север на планетава на која сè уште има цивилизација. Таму заедно со кинематографот Жан Дакар со кој ова им е веќе четврти заеднички проект („The Walk“, „Силјан“ како и „Човек против јато“ – новиот долгометражен филм кој заврши со снимање годинава во август) ја следат изолираната приказна на шаманското племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби. Во Сибир поминале еден месец каде живееле заедно со племето во шатори направени од еленска кожа, јаделе и ловеле заедно со нив.

За Котевска, како што вели самата, правењето филм е искусување непознати животи, антропологија и разбирање на психологијата на човештвото.

Инаку, идејата и инспирацијата за овој филм потекнува од многу поодамна. Впрочем Котевска и кинематограферот Жан Дакар кои се запознале на сириско-турската граница додека го снимале „The Walk“, откриле дека ја делат истата љубов кон Сибир и бескрајните снежни предели на северната точка на планетата. Заедно се препознале во сензибилитетот на правење филмови и набрзо решиле да се впуштат во авантурата да направат филм на Сибир. Се обидувале да го направат овој филм три години. После долг и речиси невозможен процес на барање на било каков контакт за да дојдат до племето Долгани, упорноста на Котевска ја носи до човек оженет за жена од племето кој им овозможува контакт со заедницата во Сибир. Но започнува војната во Русија и тие повторно не можеа да заминат. Конечно во 2024 година успеваат да го направат своето прво патување и се враќаат со чудесен материјал кој веднаш ги позиционира меѓу најпрестижните проекти селектирани на неколку светски фестивали и фондови за развој.

Котевска и овој пат се појавува во улога на режисер и продуцент на филмот. До сега проектот е поддржан исклучиво од приватни финансии на авторите и ко-продуцентите бидејќи повеќето институции и национални фондови биле исклучително скептични да се впуштат во толку ризичен проект. Проектот моментално е во потрага по партнери и финансиери за да продолжат со снимање во ноември. Котевска и Дакар се спремаат за арктичка обука во Норвешка за да можат да продолжат со снимање на температури од минус шеесет во ноември и да тргнат на патување кое трае четири дена за да се стигне до најсеверната точка на сибирската тундра.

ИЗДВОЕНИ