Во тек е снимањето на првиот долгометражен игран филм на Тамара Котевска, насловен „Човек против јато“. Mакедонската режисерка имаше две номинации за „Оскар“, за филмот „Медена земја“, во 2020 година: за најдобар странски филм и за најдобар документарец, а добитничка е и на награди од реномираниот фестивал „Санденс“.

Филмот со наслов „Човек против јато“ се одвива во рурална Македонија, каде што изградбата на нов автопат го нарушува мирот во едно мало село и ја соочува традицијата со модернизацијата.

Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и од Бугарија.

Филмот се реализира во продукција на „Видео Студио Петковски“, во соработка со партнери од Хрватска, Грција, Турција, Србија и од Црна Гора и е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија, „Еуримаж“ и од филмските центри на земјите со чија соработка се реализира.

Инаку, филмскиот проект „Човек против јато“ во 2023 година доби поддршка од 265.000 евра од Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“, во конкуренција на 111 филмски копродукции од цела Европа. Проектот беше оценет одлично и рангиран на високо трето место на ранг-листата во својата група. Коментарите за проектот беа речиси идентични: „Преубав проект, кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; Режисерката точно дефинира што сака да постигне; Јасно сценарио од почеток до крај…“.

„Човек против јато“ е копродукција помеѓу македонските продуценти „Аполо креатив солушнс“ и „Астерикс продукција“ и копродуцентите „Филмоскопија“ од Србија, „Зеинофилм“ од Турција и „Нуклеус филм“ од Хрватска“.

Играното деби на Котевска со 325.000 евра го поддржа и македонската Агенција за филм, на конкурсот во вториот рок, во 2019 година.

Инаку, деновиве Агенцијата за филм објави дека во моментов се снимаат три долгометражни играни филма, сите финансиски поддржани од државата, кои ветуваат нови квалитетни и возбудливи приказни на големото платно.

Едно од остварувањата, покрај филмот на Котевска, е и долгометражниот игран филм „Договор“, во продукција на „Arnel Production“, во режија на Сенад Абдули. Фотографијата ја потпишува Филип Јорданов, а во главните улоги се појавуваат Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи и Лек Фазлија. Филмот претставува современа драма што ги истражува човечкото достоинство и комплексноста на донесувањето одлуки во социјално предизвикувачки услови.

Се снима и дебитантскиот долгометражен филм со работен наслов „Потстанар“, во режија на Марко Ѓоковиќ, во продукција на „Сектор филм“. Ова остварување ја истражува тенката линија меѓу личната слобода и манипулацијата, прикажувајќи ја интеракцијата меѓу тројца цимери и еден мистериозен новодојден, чија вистинска природа полека се разоткрива. Сценариото е дело на Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, а инспирација за филмот е црпена од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ.

Главните улоги ги играат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци и актерот од БиХ, Албан Укај. Филмот се реализира во копродукциска соработка со партнери од Србија и од Црна Гора, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и на Црна Гора.

– Овие три нови филмски проекти се потврда за постојаниот развој на македонската кинематографија, како и за разновидноста на креативниот пристап што се појавува на нашата филмска сцена – велат од Агенцијата за филм. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ