Владата на талибанците во Авганистан го отфрли барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за враќање на воздухопловната база „Баграм“, четири години откако хаотичното повлекување на САД од Авганистан го остави огромниот воен објект во нивни раце, објави „АП“.
Главниот портпарол на Талибанците, Забихула Муџахид, ја отфрли поканата на Трамп и ги повика САД да усвојат политика на „реализам и рационалност“.
Авганистан има економски ориентирана надворешна политика и бара конструктивни односи со сите земји врз основа на меѓусебни и заеднички интереси, рече Муџахид во објава на платформата „Икс“.
– Треба да се потсетиме дека, според Договорот од Доха, САД се обврзаа да не користат или да не се закануваат со сила против територијалниот интегритет или политичката независност на Авганистан, ниту да се мешаат во неговите внатрешни работи – рече Муџахид.
Тој рече дека САД мора да останат верни на своите обврски.
Претходно денес, Трамп изјави дека лоши работи ќе му се случат на Авганистан ако таа земја не ја врати воздухопловната база Баграм на САД.
– Ако Авганистан не ја врати воздухопловната база „Баграм“ на оние што ја изградиле, а тоа се САД, лоши работи ќе се случат – рече Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social.
Претходно, Трамп изјави дека разговарал со властите во Авганистан за повторно преземање на контролата врз воената база „Баграм“, клучен објект што го користеле американските сили за време на војната во таа земја.
Воздухопловната база „Баграм“, која се наоѓа северно од Кабул, беше најголемиот американски воен објект во Авганистан и стратешка точка за воздушни и логистички операции за време на дведецениската војна.