Жалам што ВМРО-ДПМНЕ не смогна сили да излезе од тесно партиските интереси и да го поддржи законот за помош на настраданите во трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, истакна пратеникот на СДСМ Миле Талески во гостување на тв 24.
Талески нагласи дека целта на овој закон е веднаш да им се излезе во пресрет на граѓаните, на семејствата, на повредените, на сите коишто настрадаа во оваа трагедија и никому не му паѓа на памет да го политизира или да лови некакви политички поени на целиот овој настан.
– Предлог законот предвидува да им се помогне на семејствата кои изгубиле член, да им се помогне на повредените со сериозни средства од 1,5 милиони до 5 милиони денари, врз основа на степенот на инвалидитет, да им се помогне на семејствата полесно да се справат и во делот на работните обврски, предвидува 6 месеци платен одмор, да им се помогне на учениците кои подолго време отсуствуваат од настава, рече Талески.
Пратеникот на СДСМ уште еднаш упати апел да се донесе законот додавајќи законското решение во собраниска процедура може да се допрецизира со амандмани, бидејќи на овие граѓани поддршката им е потребна час поскоро.
– Не треба да има некакво политичко надмудрување. Без разлика дали сме власт или опозиција, треба да се излезе надвор од тие теснопартиски интереси, на оние граѓани им е потребна помош и поддршка, рече Талески.