Талент без граници – срцето готви и кога недостига видот: „Вешта жена“ на Здружението на слепи лица од Гевгелија

67

Дека и лицата со попреченост, во случајот слепите и слабовидните лица, може да бидат одлични готвачи, покажа манифестацијата „Вешта жена“ на Здружението на слепи лица од Гевгелија. Оваа традиционална манифестација по повод Меѓународниот ден на белиот стап, 15 Октомври, се одржа викендов, во угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“.

Тешко е да се опише со зборови чувството на задоволство и да се види среќата на лицата со попреченост, во овој случај на слепите и на слабовидните лица што учествуваа на настанот, кога успевајќи да ги надминат тешкотиите во кујната, самостојно подготвија специјалитети, кои ја красеа големата маса во угостителската сала. На трпезата имаше од сè по нешто, предјадења, салати, главни јадења, десерти и торти.  Како што налага ресторанскиот протокол. Се гледаше дека сите учеснички дале сè од себе да се претстават во што поубава светлина.

Откако пробавме дел од она што го имаа подготвено учесничките, ја замоливме претседателката на Здружението на слепи од Гевгелија, Елена Проданова, да објасни за весникот ВЕЧЕР за каква манифестација станува збор.

– Манифестацијата „Вешта жена“ претставува традиционално дружење на членовите на Здружението, преку кое тие ги презентираат своите креативност и умешност во подготовката на традиционална храна, ракотворби и други активности. На 14 октомври започнавме со проектот „Вешта жена“, поддржан од Општина Гевгелија и од Општина Богданци. Дел од нашите членови, кои искажаа добра волја, имаа обука за подготвување специјалитети од македонската кујна. Обучувач беше г-ѓа Ана Камчева, професорка по готварство во СОУ „Јосиф Јосифовски“. Таа прво зборуваше за специјалитетите што се подготвуваат во регионите во Македонија, како што се: гравче тавче, турлитава, сарма, долма, питулици и многу други деликатеси, а потоа сподели неколку рецепти на учесничките. Дел од тие рецепти видовме и вкусивме и денеска – ни се пофали Проданова.

Лазе Трајков, регионалниот координатор на Здружението на слепи од Гевгелија, не го криеше своето задоволство од одѕивот на членките на ова Здружение и од умешноста што ја покажаа тие подготвувајќи најразлични специјалитети.

– Видовте и самите дека се дегустираа јадењата и различните специјалитети што ги подготвија вештите раце на нашите членки од Здружението на слепи и на слабовидни лица од Гевгелија. Само може да ви откријам дека во подготовката на различните јадења учествуваа и повеќе наши членови од посилниот, машки пол. Со задоволство може да кажам дека на нашиот настан имавме гости од Струмица, Скопје, Велес, Кавадарци, Охрид, Богданци, Дојран. Нашите членки во домашни услови ги подготвуваа своите специјалитети, бидејќи не можеше да се направи сето тоа во еден ден, во кујната на гевгелиското средно училиште. На оваа манифестација не избиравме највешта жена, бидејќи сите наши членки што учествуваа го заслужија епитетот најдобри – заврши Трајков.

Како дел од програмата „Гевгелија – Град на културата за 2025 година“, овој настан ги промовира културниот израз и општествената вклученост на лицата со попреченост, како дел од вредностите на инклузивната и достапна културна сцена. Преку ваквите активности, културата се претставува како простор за еднакво учество, почитување на различностите и за поттикнување на човечкото творештво во сите негови форми. (Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ