Управата за јавни приходи (УЈП), во соработка со други надлежни институции, почнува со засилени контроли на таксистите во целата држава – дали издаваат фискални сметки и дали го пријавуваат прометот согласно со одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Под лупа на УЈП особено ќе бидат туристичките места, каде што во летниот период се зголемени фреквенцијата на патници и активноста на автотакси-превозниците.

– Даночните обврзници што вршат автотакси-превоз се должни да користат мобилни фискални апарати со интегриран ГПРС-уред, да го регистрираат остварениот промет во фискалниот апарат, да издадат фискална сметка за секоја услуга во готовински промет. Дневниот промет мора да биде евидентиран во книгата на дневни финансиски извештаи, за секоја фискална каса поединечно и да го уплатат на трансакциската сметка кај носителот на платниот промет најдоцна наредниот работен ден. Исто така, во возилото треба да имаат јасно и видно истакнато соопштение за задолжително барање фискална сметка од страна на корисниците на услугата – се наведува во соопштението од УЈП.

Граѓаните можат да ги пријават неправилностите поврзани со автотакси-превозот или неиздавањето фискални сметки преку бесплатната телефонска линија 198  или на е-пошта: [email protected], a УJP ќe ги разгледува добиените претставки и ќe постапува согласно со своите надлежности.

– Почитувањето на обврската за издавање фискални сметки и за користење мобилни фискални апарати не е само законска обврска туку и е придонес кон правичното, транспарентно и фер работење на сите економски чинители – велат од УЈП.

ИЗДВОЕНИ