Претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, објасни за весникот ВЕЧЕР дека со тоа решение цената на автотакси-превозот ќе остане иста, таксистите ќе заработуваат многу повеќе отсега, а граѓаните ќе имаат лесно достапен и многу побезбеден автотакси-превоз. Додава дека таквото решение ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и на загадувањето и дека сето тоа ќе ги чини Градот нула денари. Решението, во ноември 2025 година, било најавено кај градоначалникот, со поднесено барање за средба, за да го образложат, но добиле известување дека тој е многу зафатен и дека ќе ги повика кога ќе се ослободи. Но, тие уште чекаат. Од Град Скопје велат дека се однесуваат партнерски и кон такси-превозниците, но и кон граѓаните што ја користат услугата. Во таа насока, во изминативе два месеци биле интензивирани инспекциските контроли за спречување на вршење див такси-превоз. За тоа зошто скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, сè уште не ги примил таксистите, од Град Скопје одговорија дека не дошле на ред, бидејќи тој имал други приоритетни обврски, но оти ќе ги прими деновиве
Скопските таксисти имаат изготвено решение за проблемите во такси-дејноста (проблеми со жолтите таблици, такси-возила без лиценци, без фискални таксиметри, непријавени такси-возачи, необоени такси-возила), кое сакаат да му го презентираат на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за што бараат средба со него. Но, велат дека не се реализирала таа досега.
Претседателот на Групацијата на автотакси-превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски, објасни за весникот ВЕЧЕР дека со тоа решение се опфатени сите проблеми во такси-дејноста и дека со него, како што вели, цената на автотакси- превозот ќе остане иста, таксистите ќе заработуваат многу повеќе отсега, а граѓаните ќе имаат лесно достапен и многу побезбеден автотакси-превоз. При тоа, додава дека таквото решение водено ќе придонесе да се намалат сообраќајниот метеж и загадувањето.
– Ќе имаме брзи минимум 1.500 нови вработувања, а државниот буџет ќе биде пополн за околу пет-шест милиони евра годишно. Ова решение, во ноември 2025 година, беше најавено кај градоначалникот, со поднесено барање за средба за да го образложиме. Добив известување дека тој е многу зафатен и дека ќе нè повика кога ќе се ослободи, но ние уште чекаме – изјави Рајчановски.
Тој додаде дека ќе почекаат уште неколку дена лично да се сретнат со скопскиот градоначалник и да му го презентираат решението. Доколку не ги повика, тие официјално ќе го достават решението во писмена форма до Градот и ќе го презентираат пред јавноста преку медиумите.
– Решението е многу едноставно, а тоа ќе го чини Градот нула денари – дециден е Рајчановски.
Потенцира дека ваквото брзо решение на проблемите во такси-превозот не е ништо ново, а како пример го наведува поранешниот градоначалник, Коце Трајановски, кој, како што рече, со претходни договори со такси-фелата, за само 25 дена го решил проблемот со такси-превозот.
Сепак, Рајчановски верува дека сегашниот скопски градоначалник ќе го реши проблемот.
– Градот Скопје, на чело со градоначалникот, како надлежен орган за издавање лиценци и како организатор на автотакси-дејноста, ја има обврската да го среди автотакси-превозот и да ги почитува и спроведува законите и одлуките. Веруваме и убедени сме дека таткото на Градот има капацитет и желба да го реши проблемот со такси-превозот, сака граѓаните да имаат лесно достапен автотакси- превоз, помал метеж во сообраќајот, помало загадување, повеќе нови вработувања и поголем буџет за пет-шест илјади евра годишно – истакна Рајчановски.
Тој смета дека што и да треба да се направи со такси-дејноста во Градот, најпрво треба одредени закони да си дојдат на свое место.
– Во 2018 година имавме класичен школски пример како се уништува една дејност за да се задоволат потребите на три такси-компании, без да има консултација, разговор и процена со другите учесници во такси-превозот. Имено, по барање на три такси-компании блиски до таа Влада, со поддршка на тогашниот скопски градоначалникот, Петре Шилегов, на средба во Владата беа договорени измени на одредени членови во Законот и веднаш беа изгласани. Со тие измени, денес слободно може да функционира такси-компанија со 100 возила, а само тројца такси-возачи да бидат пријавени во АВРМ и од УЈП бараат поврат на ДДВ од сите 100 фискални таксиметри. Кој ги вози другите такси-возила? Тоа е нелојална конкуренција, поддржана, да не кажам наметната, од поранешната Влада – нагласува Рајчановски.
Затоа, според него, денес има илјадници таксисти на улица, а едвај се пријавени 200 од нив.
– Исто така, во 2018 година беше направена брза измена на закони за да стапат жолтите таблици на сила. Тоа создаде хаос поради неусогласеност на законите. Поради тоа, сега, за да се добијат жолти таблици, прво треба да се извади лиценца за бели таблици, па потоа да се помине истата процедура за жолти таблици. Тоа значи двапати исти давачки за таксистите – реагира Рајчановски.
Тој обелодени дека последниве два месеци постоеле шпекулации, кои кружеле меѓу таксистите, дека, со поддршка од Градот, ќе влезат 200 нови возила за одредени фирми.
– Додека не се решат проблемите во автотакси-превозот, новите возила ќе бидат само одреден ,„бизнис“ на одредени учесниците – и ништо друго – оцени Рајчановски.
Од Град Скопје велат дека работат во насока на унапредување на условите за работа на такси-превозниците, но и на унапредување на услугите што ги добиваат скопјани.
– Бројот на такси-возила зависи од законската регулатива, како и од подзаконските акти, и во согласност со тоа, мора да се почитува тоа и ќе се продолжи да се издаваат лиценци исклучиво врз основа на пропишаните критериуми. Град Скопје се однесува партнерски и кон такси-превозниците, но и кон граѓаните што ја користат услугата. Во таа насока, во изминативе два месеци беа интензивирани инспекциските контроли за спречување на вршење див такси-превоз и ќе продолжиме со тоа и во иднина – наведуваат градските власти.
За тоа зошто скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, сè уште не ги примил таксистите, од Град Скопје одговорија дека не дошле на ред, бидејќи тој имал други приоритетни обврски, но оти ќе ги прими деновиве.
Што се однесува до шпекулациите дека ќе се набават 200 нови такси-возила со поддршка од Градот, градските власти велат дека Градот не купува такси-возила, туку дека тоа го прават самите такси-компании.
– Засега Град Скопје размислува за тоа оние што ќе набават електрични возила, да добијат одредени овластувања – појаснуваат од Град Скопје.
(А. П.)












