Долгоочекуваниот боксерски меч помеѓу легендите Мајк Тајсон и Флојд Мејведер, конечно, доби официјална потврда, датум и локација. Иако многумина се сомневаа во реализацијата на овој спектакл, се чини дека финансискиот аспект, заедно со долгогодишното непријателство, бил одлучувачки за да влезат овие икони во рингот, пишува „MMA Викли“.
Времето на Тајсон и на Мејведер во светот на егзибицискиот бокс, по нивната професионална кариера, е далеку од завршено. И покрај очигледниот скептицизам на обожавателите и големата разлика во висината и во тежината, тие се согласија за борба, која сигурно ќе привлече огромно внимание кај јавноста. Од објавувањето за борбата, безброј обожаватели инсистираа на Интернет дека нема да се одржи мечот.
Меѓу бројните сомнежи, Мајк Тајсон лично потврди дека е вистинска борбата.
– Помислив: „Нема шанси да се случи ова“. Но, Флојд рече „да“. Оваа борба е нешто што ниту светот ниту јас некогаш не помисливме дека ќе се случи или дека може да се случи. Но, боксот влезе во нова ера на непредвидливото, а оваа борба е најнепредвидлива – рече Тајсон за подготовките за претстојната борба против Мејведер.
Иако тоа што меѓусебно не се сакаат одигра улога во судирот, Тајсон не го крие своето изненадување од изборот на Мејведер.
– Сè уште не можам да верувам дека Флојд навистина го сака тоа. Ќе биде лошо за неговото здравје, но тој го сака тоа, па затоа е потпишано и се случува – рече Тајсон.
Во неодамнешно интервју, Тајсин откри клучни детали за она што се смета за една од најголемите и најинтригантните борби на оваа генерација. „Ќе биде во март и ќе биде во Африка“, потврди Тајсон. „Ова ќе биде неверојатно. Ќе ги срушиме сите рекорди. Ќе биде еден од најголемите настани во историјата на спортот.“
Од друга страна, Флојд Мејведер, познат по својата непобедливост и по самодовербата, е подготвен за предизвикот.
– Го правам ова 30 години и нема борач што би можел да го оцрни моето наследство. Веќе знаете дека ако ќе направам нешто, тоа ќе биде големо и ќе биде легендарно – рече Мејведер како одговор на веста за борбата.
Тајсон има 59 години. Тој се пензионираше од професионалниот бокс во 2005 година, но се врати минатата година, кога загуби со судиска одлука, од јутјуберот Џејк Пол. Мејведер има 48 години, а неговиот последен боксерски меч беше во 2017 година, против Конор Мекгрегор.












