Надлежен обвинител и истражители од ОЈОГОКК денеска биле во АНБ да се договорат како ќе ги проверуваат белешките со класифицирани информации за следењето на премиерот Христијан Мицкоски, а за кое тој и од Агенцијата тврдат дека било незаконско. Предистрагата е по трите информации кои АНБ ги испратило до ОЈОГОКК за сомнежи од нова злоупотреба на тајните служби.
“Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија.
ОЈО ГОКК постапува исклучиво врз основа на докази, во рамките на законските процедури и со целосно почитување на правата на сите засегнати страни. Притоа, во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и до јавноста да се воздржат од прерано изнесување на заклучоци додека трае постапката и не се утврдат фактите. ОЈО ГОКК навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат тајноста на предистражните дејствија, соопшија попладнево од ОЈОГОКК