– Тајната е во нејзините темели, кои тука сигурно сѐ уште постојат. Тој го почитувал духовното наследство и доаѓал да се моли тука, на местото на стариот храм „Свети Константин и Елена“ – запишал скопскиот хроничар Данило Коцевски.
Оваа црква памети многу венчавки, крштавки, збогувања со покојните…
Скопскиот хроничар Данило Коцевски во своите записи ги оставил сеќавањата за некогашната црква „Свети Константин и Елена“. Тој се навратил кон значењето и историјата на оваа скопска црква, која спаѓа во легендите што го обележаа овој град.
Сместена во централното градско подрачје, во некогашното Влашко Маало на улицата „Поп Кочина“, како дел од поширокиот простор на познатото скопско Ново Маало, таа била урната во земјотресот во 1963 година.
Црквата „Свети Константин и Елена“ била започната да се гради уште пред Првата светска војна. Бурните времиња, кои се менувале едноподруго, ја попречиле нејзината изградба. Била завршена и осветена во 1926 година.
Оттогаш, како што пишува Коцевски, не престанало нејзиното духовно зрачење, но и живото сеќавање на постарите генерации за неа, откако била урната во земјотресот.
– Тајната на духовното зрачење се крие и во тоа што таа се наоѓаше во центарот на градот и претставуваше, во онаа убава смисла на зборот, маалска црква, почитувана, сакана, посетувана. Но, со текот на времето, црквата ја посетуваа верници од сите краишта на Скопје. Се сеќавам дека чинот на крштавањето на своите деца во храмот „Свети Константин и Елена“ го вршеа и жителите од другите маала. Таа памети многу венчавки, крштавки, простување со покојните, верски живот што се одвиваше дури и во времињата што не беа погодни за тоа – навел Коцевски.
Но, како што вели тој, и скопското маало во кое е подигната таа има интересна историја. Најпрвин се нарекувало Хаџи Селаледин, а потоа и Чивчи Маало. Тоа започнувало лево од Камениот мост, продолжувајќи во правец на кејот, до некогашниот Железен мост, во близина на денешниот комплекс банки. Десно, маалото се ширело кон монополот, а потоа, пак, свртувало кон плоштадот и го опфаќало просторот спроти Парламентот, до центарот, кај ЕСМ и стоковната куќа. Во рамките на Ново Маало биле најубавите бавчи и градини, кои биле обработувани. Но подоцна, по Балканските и Првата светска војна, тука се населиле материјално позафатени граѓани од предвоена Југославија. Затоа на кејот, и не само на него, биле изградени најубавите скопски куќи во тоа време. А, Влашкото Маало и улицата „Поп Кочина“, според Коцевски, имале свое, особено значење.
Според неговите сеќавања од детството и од раната младост, во црквата најпрвин се влегувало низ дворот, во кој, од левата страна, се наоѓало паркче со грижливо негувани цвеќиња и цветни алеи. Над самиот главен влез во црквата имало трем и низ неколку врати се влегувало во внатрешните простории.
– Над влезот имаше фреска на заштитниците на црквата, царот Константин и царицата Елена. Во левата просторија се вршеа крштавките и од неа често се слушаше детски плач, а за крштавање се користеше голем бакарен сад, со гравирани рачки од страните. Во поголемата, централна просторија се вршеа Божјите служби и простувањето со покојниците. Во мала куќичка покрај црквата живееше „послужителот“, кој, кога веќе потпораснавме, заклучивме дека според својот необичен изглед ни личеше на ѕвонарот на Богородичната црква во Париз. Со голема грпка, со долги пожолтени нокти, проретчена, побелена, долга коса. Ги бркаше децата низ дворот, но знаеше повремено и да ги погали со долгите прсти – забележал Коцевски во своите записи за Скопје.
Во окружување на црквата биле славните скопски објекти: Народната банка, НА-МА, основното училиште „Иво Лола Рибар“, Вишата педагошка академија, Балетското училиште, големата зграда на Републичкиот секретаријат за финансии. Во близина живееле познати професори, адвокати, лекари, спортисти, уметници.
– Денес, во архивот сѐ уште постојат оригиналните документи зачувани од црквата. Од нив може да се види дека многу видни личности пред војната го помагале овој верски објект и биле вклучени во повеќе активности – нагласил Коцевски.
Тој додава дека поминувало времето, а новите генерации скопјани родени по земјотресот речиси и немале слушнато за црквата, која полека тонела во заборав.
– И тогаш,се случи нешто необично. По отворањето на Градскиот трговски центар во седумдесеттите години, беа отворени елитни продавници во близина на неговиот главен влез, од страната на плоштадот. Многу од продавачките, и воопшто од персоналот што работеше во нив, започнаа да ми приоѓаат како на хроничар на Скопје и да ме распрашуваат за историјата на тој дел од градот. „Зошто ви е тоа потребно?“, ги прашав. „Постои еден човек во поодминати години, тој секојдневно доаѓа овде, на почетокот од Трговскиот центар, клекнува на колена и се моли. Тоа е негов секојдневен ритуал, а потоа си заминува. Веројатно, станува збор за некаква тајна, за нешто што се случило тука, но што?“, се чудеа тие. „Тајната е во црквата“, им реков низ насмевка. „Тајната е во нејзините темели, кои сигурно сѐ уште постојат тука. Тој го почитувал духовното наследство и доаѓал да се моли тука, на местото на стариот храм „Свети Константин и Елена“ – запишал Коцевски.
Денес, по 13 години од изградбата на улицата „Македонија“, легендарната скопска црква е возобновена.
– Иако на друга локација, сепак, тоа е убав пример за чување на традицијата – заклучил Коцевски.
(А. П.)