Тага и бес во БиХ – немарноста во пензионерскиот дом во Тузла изгоре 12 луѓе

293

Во пожарот на седмиот кат од зградата каде што биле сместени луѓе со деменција, неподвижни и со тешки форми на рак, 12 лица загинаа, 35 побараа лекарска помош, а 20 од нив беа хоспитализирани, вклучувајќи тројца полицајци и шестмина пожарникари. Со години жителите на домот, нивните семејства, како и одредени политичари во Тузла, предупредувале за лошите услови, но одговорните останале глуви на нивните апели и забелешки и единствената реакција им била зголемување на цената за цели 30 проценти

 

На прозорецот имаше човек кому луѓе од улицата му дофрлаа да се засолни. Тој беше на прозорецот долго време. Чадот почна сè повеќе да ја исполнува неговата соба. Како беспомошно да нè гледаше. По неколку моменти, веќе го немаше.

Ова е еден од морничавите моменти за кои сведочи фотографот Фарук Бегташагиќ, што го забележал  додека го снимал пожарот на врвот од зградата во Домот за пензионери во Тузла што избувна синоќа.

Во пожарот на седмиот кат од зградата каде што биле сместени луѓе со деменција, неподвижни и со тешки форми на рак, 12 лица загинаа, 35 побараа лекарска помош, а 20 од нив беа хоспитализирани, вклучувајќи тројца полицајци и шестмина пожарникари. Според информациите од Универзитетскиот клиничкиот центар во Тузла, четворица штитеници на домот се ставени на респиратор. Меѓу повредените што побарале медицинска помош имало и жители и вработени во домот.

А, оваа трагедијата можела да се избегне. Со години жителите на домот, нивните семејства, како и одредени политичари во Тузла, предупредувале за лошите услови, но одговорните останале глуви на нивните апели и забелешки. Вознемирената јавност сега прашува кој ја донел одлуката најтешко болните да бидат сместени на петтиот, шестиот и на седмиот кат од зградата, со што нивните шанси за евакуација биле драстично намалени.

– Не ми е јасно зошто најтешко болните пациенти беа на седмиот кат. И јас бев пожарникар и не мислам дека противпожарната заштита е добра. Немаше аларм, не знам дали работеа хидрантите – рече за „Фактор“ Иво Лучиќ, кој пред домот, каде што чекал со часови, дознал дека неговиот неподвижен татко, кој бил сместен на седмиот кат, е меѓу загинатите.

Пред помалку од два месеца, лошите услови во домот излегоа пред очите на целата јавност и ја згрозија откако советничката од Наша партија во Градскиот совет на Тузла, Драгана Гагро-Берберовиќ, објави видео и фотографии од неговата внатрешност. Таа предупреди на влажните ѕидови, лошата храна и на мобингот во домот. Тогаш, наместо да преземе нешто за да ја поправи ситуацијата, раководството на домот поведе постапка против неа. Имајќи ги предвид условите во домот за кои многумина зборувале, шокантен е и податокот дека раководството, предводено од директорот Мирсад Бакаловиќ, кој е кадар на партијата СДП, во јануари донел одлука да ја зголеми цената на сместувањето за дури 30 проценти.

Утринава, директорот Бакаловиќ поднесе оставка.

–Ги познавам сите овие луѓе и навистина ми е тешко. Цело време бев на местото на настанот и по сè што видов, решив да поднесам оставка – изјави тој за „Фена“.

Додека надлежните институции ја водат истрагата за пожарот што се гаснеше со часови, сојузниот премиер Нермин Никшиќ најави дека во наредниот период ќе бидат формирани тимови за посета на институциите од ваков тип.

ИЗДВОЕНИ