EPA/SAMIULLAH POPAL

Земјотрес со јачина од 6,0 степени ја погоди источната авганистанска провинција Кунар во неделата навечер, со епицентар на само 27 км од петтиот најголем град во земјата, Џалалабад.

Потресите беа почувствувани и во главниот град на Авганистан, Кабул, и во соседен Пакистан. Бројот на жртвите од силниот земјотрес се зголеми на повеќе од 800, а речиси 3.000 луѓе се повредени, објавија денес локалните власти, додека спасувачките екипи го пребаруваат погоденото подрачје за преживеани.

„Повредените се транспортираат, па овие бројки можат значително да се променат“, изјави портпаролот на Националниот директорат за управување со катастрофи, Јусуф Хамад, пренесува АП.

Талибанската влада вели дека некои села се целосно уништени.

Оддалеченоста на областите погодени од земјотресот дополнително ги комплицира напорите за пребарување и спасување. Се стравува дека маса луѓе се заробени под урнатините.

Хеликоптерски екипи ги носат повредените во болниците од далечните села. Спасувачките напори се комплицираат поради планинскиот терен. До погодените села е тешко да се стигне, а многу од патиштата што ги поврзуваат сега се блокирани со урнатини.

Странски влади и меѓународни групи за помош испратија помош во областите погодени од земјотресот.

Меѓу погодените од катастрофата, особено се загрижени жените и девојките, затоа што регионот погоден од земјотресот е многу конзервативен и постојат стравувања дека лекувањето на жените може да бидат одложено од културни причини.

ИЗДВОЕНИ