Таен телефонски разговор меѓу Трамп и Мадуро: Историска средба на двајцата лидери на повидок во САД?

55

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела разговараше телефонски со венецуелскиот претседател Николас Мадуро за можна средба во САД, објави денес „Њујорк тајмс“ (NYT), повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, пренесува „Танјуг“.

Разговорот, според изворите, се одржал кон крајот на минатата недела и во него учествувал и американскиот државен секретар Марко Рубио. Според „Њујорк тајмс“, била разговарана можна средба меѓу двајцата лидери во САД, но во моментов нема планови за нејзино одржување.

Разговорот со Мадуро доаѓа неколку дена пред одлуката на Стејт департментот да го прогласи за лидер на она што американската администрација го нарекува странска терористичка организација, „Картел дел Солес“.

САД го зголемија своето воено присуство во регионот на Карибите и Латинска Америка, насочено кон Венецуела, со образложение дека целта е да се спречи трговијата со дрога, но јасно е изразена и намерата за отстранување на Мадуро од власт, со сила доколку е потребно, истакнува весникот њујоршкиот весник.

Во октомври, „Њујорк тајмс“ напиша дека Мадуро им понудил на САД удел во нафтените полиња на Венецуела и други бенефиции за американските компании со цел да се смират тензиите, но разговорите биле прекинати бидејќи Мадуро сакал да остане на власт.

Директните разговори меѓу Трамп и Мадуро би можеле, според „Њујорк тајмс“, да го означат почетокот на обидот за намалување на ескалацијата на силата, иако американската администрација сè уште инсистира на исход што вклучува заминување на Мадуро од функцијата.

 

ИЗДВОЕНИ