Таблет за секој ученик од „Блаже Конески“

28

Општина Аеродром и оваа година набави 915 таблети за четвртоодделенците, во износ од 6,5 милиони денари, како и 7.500 бесплатни униформи за сите ученици во основните училишта.

Таблет за секое дете е проект што се спроведува веќе четврта година по ред, со цел дигитализација на образовниот процес, доближување на новата технологија до учениците, како и нејзина практична примена во наставата.

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска им поделија таблети и училишна облека на учениците од ООУ „Блаже Конески“ кое оваа година има најголем број првоодделенци во Македонија.

– Ова е одличен начин да им се овозможи на сите ученици еднаков пристап до современа информатичка технологија, пристап до онлајн извори на информации и бази на знаења. Сметам дека е особено важна мерка за поддршка за семејствата со пониски примања, кои можеби не можат да си дозволат и да им набават на своите деца ИТ-уреди, а секако, ниту еден родител не сака неговото дете во тој поглед да биде различно од другите – истакна Јаневска.

Градоначалникот Митески е задоволен што оваа мерка е позитивно прифатена од граѓаните на Аеродром. Смета дека на најмладите значително им го олеснува процесот на стекнување знаења и затоа во план е нејзино продолжување.

Ова училиште, кое е едно од најстарите во Општина Аеродром, по цели 70 години првпат добива целосно нов лик.

Митески и Јаневска, по доделувањето на таблетите и на униформите, извршија увид во градежните активности за доградба на училиштето, што претставува капитален инфраструктурен проект во висина од 200 милиони денари со поддршка од Владата.

Првата фаза од доградбата опфаќа изградба на нови 18 училници, голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, библиотека, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории, а новиот објект ќе добие и современа енергетски ефикасна фасада.

 

ИЗДВОЕНИ