
Канадската манекенка Линда Евангелиста (60) е едно од најпознатите лица во светот на модата. Родена е на 10 мај 1965 година во Сент Катаринс, а во раните 80-ти години од минатиот век ја открила агенцијата „Елит модел менаџмент“. Вистинска слава стекнала кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, кога станала едно од најбараните лица во светот на модата. Евангелиста била позната по својата способност да го менува својот изглед, благодарение на нејзината подготвеност да експериментира со различни фризури.

Една од најпознатите промени била кога од долга коса преминала на кратка боб фризура. Заедно со супермоделите Наоми Кемпбел, Синди Крофорд, Кристи Тарлингтон и Клаудија Шифер, Евангелиста доминирала на модните писти и на насловните страници на списанијата. Таа дала една од најпознатите изјави во историјата на моделирањето:
„Не станувам од кревет за помалку од 10.000 долари на ден“, што во тоа време стана синоним за статус на супермодел. Евангелиста подоцна се повлече од јавниот живот. Во септември 2021 година, таа ја откри причината за нејзиното пензионирање, наведувајќи дека доживеала значителна промена во својот изглед поради ретка компликација поврзана со козметичка хирургија.