СЀ ПОВЕЌЕ ПРЕТЕНДЕНТИ ВО ИЗБОРНАТА ТРКА ЗА МАКЕДОНСКАТА МЕТРОПОЛА: Се множат кандидати за скопски градоначалник, проблемите исти за сите

707

Нови кандидати за скопски градоначалник од денеска влегуваат во изборната трка со што бројот на потврдени и најавени кандидатури стигна до бројката седум, а што кажува дека се зголемува неизвесноста околу крајниот исход. Истовремено, настапите на кандидатите укажуваат дека тие се концентрираат на неколку главни проблеми на градот какви што се јавната хигиена, превозот, комуналните претпријатија и урбанизацијата. Тоа укажува дека кандидатите најмногу енергија ќе посветат на најтешките проблеми на Скопје кои им создаваат најголеми проблеми на граѓаните.

Денеска, Александар Рашковиќ, професор по дизајн на Европскиот универзитет, за весникот ВЕЧЕР потврди дека ќе биде кандидат на локалните избори за скопски градоначалник. Тој ни рече дека ќе настапи како независен кандидат поддржан од партијата ТМРО, чиј лидер е адвокат Ванчо Шехтански и која ќе ја поднесе пријавата пред надлежните изборни органи. Тој ни рече дека деновиве имаат активности и околу составувањето на советничка листа за Советот на Скопје, и на изработка на изборна програма со проекти кои ќе им бидат понудени на граѓаните.

–Мојата главна мисија ја гледам во тоа Градот Скопје да биде град кој ќе им припаѓа на граѓаните, а не да биде заложник на односите меѓу градоначалникот и Советот. Прв и најважен приоритет ќе ми биде јавната хигиена во градот, кој мора да се исчисти темелно. За таа цел, една од важните постапки, на пример, ќе биде миење на контејнерски места и на улиците по секое вечерно собирање на ѓубрето. Односно, ќе ја вратам практиката која постоеше во времето на некогашната заедничка држава. Освен тоа, ќе најдам начин за хонорарно ангажирање, на пример, на пензионерите и на други категории на граѓани за одржување на јавната хигиена – ни рече Рашковиќ.

Во однос на јавниот превоз тој како најважен проект го наведува изградба на трамвајска линија по течението на Вардар.

– Идејата за јавниот превоз ми е тој значително да се подобри со трамвајската линија од двете страни на Вардар од Ѓорче Петров па до Ново Лисиче при што тој простор би бил оплеменет со паркови и други видови зеленило. На градските линии, пак, планирам воведување на тролејбуси кои не бараат посебни ленти и не го загадуваат воздухот. Освен ова, ќе отворам градски канцеларии во секоја скопска општина, „кол-центар“, апликација „Мој град“ преку кои граѓаните ќе може да даваат свои идеи – вели тој.

Наведува дека за секој крупен проект преку овие механизми ќе бара изјаснување од страна на граѓаните и по што тие ќе се предлагаат пред Советто на Скопје за усвојување. Целта е и советниците да видат што сакаат граѓаните.

За денеска попладне беше најавена промоцијата на градоначалнички кандидат на граѓанската организација „Зелен хуман град“. Но, неколку часа пред одржувањето дојде соопштение со кое настанот се откажува од здравствени причини.

Досега, свои кандидатури потврдија или најавија Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Скендер Реџепи како претставник на коалицијата предводена од ДУИ, Башким Бакиу од Вреди, Амар Мециновиќ од Левица, додека граѓанската иницијатива Независни заедно неодамна најави дека наскоро ќе го соопштат името на нивниот фаворит. Речиси сите кандидати во своите настапи досега наведуваа дека ќе понудат решенија за најтешките проблеми на градот. Орце Ѓорѓиевски, на пример, веќе соопшти дека има три главни приоритети – средување на комунална хигиена во градот, јавен транспорт и сообраќаен хаос а третиот му е решавањето на проблемот со кучиња – скитници во градот и урбанизам. Шукова, пак, рече дека ќе понуди чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден град со чист воздух и селекција на отпадот. Мециновиќ најави дека ќе понуди подобрување на јавниот превоз, подобрување на градската чистота и хуманизација на урбанизацијата. Башким Бакиу и Скендер Реџепи се уште не ги откриле свои адути во изборната трка по гласовите на граѓаните. Но, извесно е дека и тие ќе се занимаваат со најголемите проблеми во градот кои со години не се решаваат а во меѓувреме – од избори до избори – дефилираат куп градоначалнички кандидати. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ