петок, јануари 30, 2026
Дома СВЕТ СЗО: Низок ризик од ширење на вирусот Нипа надвор од Индија

СЗО: Низок ризик од ширење на вирусот Нипа надвор од Индија

8
EPA/THE SUVARNABHUMI AIRPORT OFFICE HANDOUT

Постои низок ризик од ширење на вирусот Нипа од Индија, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО) и дека не препорачува воведување ограничувања за патување или трговија откако во земјата беа потврдени два случаи на зараза.

СЗО наведе дека Индија има капацитет да ги спречи таквите епидемии и дека нема докази за зголемен пренос на вирусот од човек на човек, со напомена дека е во постојана координација со индиските здравствени власти. Истовремено, не е исклучена можноста за понатамошно изложување на вирусот, кој циркулира меѓу популацијата на лилјаци во делови на Индија и соседен Бангладеш.

По потврдата на заразени во Индија, Хонгконг, Малезија, Сингапур, Тајланд и Виетнам оваа недела ги заострија аеродромските контроли за да спречат евентуално ширење на вирусот.

Вирусот Нипа го пренесуваат овошните лилјаци и животните како свињите, а кај луѓето може да предизвика треска и воспаление на мозокот. Стапката на смртност се движи од 40 до 75 отсто, а не постои регистриран лек, додека вакцините сè уште се тестираат. Преносот од лице на лице е отежнат и обично бара долготраен близок контакт. Според наводите на виролозите, ризикот за општата популација останува низок.

СЗО соопшти дека изворот на актуелната инфекција сè уште не е целосно разјаснет и оти вирусот Нипа се класифицира како приоритетен патоген поради високата смртност и недостигот на лиценцирани вакцини или лекови.

Двајца здравствени работници заразени кон крајот на декември во источната индиска држава Западен Бенгал се наоѓаат на болничко лекување, соопштија локалните власти. Ова е седма документирана епидемија на Нипа во Индија и трета во Западен Бенгал. Индија, особено сојузната држава Керала, редовно пријавува спорадични случаи на инфекцијата од 2018 година.

ИЗДВОЕНИ