Светската здравствена организација (СЗО) во своите први упатства денес изјави дека неплодноста е запоставен предизвик за јавното здравје и дека прифатлив третман треба да биде достапен во рамките на националните здравствени системи.
Проценките на СЗО покажуваат дека неплодноста влијае на повеќе од едно од шест лица во репродуктивна возраст во одреден момент од нивниот живот, но пристапот до третман е многу ограничен и значително варира од земја до земја, објавува „Ројтерс“.
Третманот често се плаќа од џеб, што доведува до високи финансиски трошоци, додаде агенцијата на Обединетите нации, пренесе „Танјуг“.
Во некои земји, еден циклус на ин витро оплодување (ИВФ) може да чини двојно повеќе од просечниот годишен приход на домаќинството, соопшти СЗО.
„Неплодноста е еден од најзапоставените предизвици за јавното здравје на нашето време и големо прашање на еднаквост на глобално ниво“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Милиони мажи и жени се соочуваат со овој проблем сами, рече тој, истакнувајќи дека се принудени да избираат помеѓу раѓање деца и финансиска сигурност или согласување со поевтини, но недокажани методи на лекување.
СЗО ја дефинира неплодноста како неуспех да се постигне бременост по 12 месеци или повеќе редовни незаштитени сексуални односи.
Третманот не е само ин витро оплодување, туку ги вклучува сите чекори што примарната здравствена заштита може да ги преземе за да им помогне на двојките или поединците да имаат дете, вклучувајќи совети за промени во животниот стил, како што е откажување од пушење, соопшти СЗО.
Упатствата вклучуваат 40 препораки за земјите, со цел грижата за плодноста да се направи побезбедна, порамноправна и подостапна за сите, со фокус на машката, женската и необјаснетата неплодност.
Покрај овие мерки, СЗО изјави дека е важна и подобрата едукација за факторите што влијаат на плодноста, како што се возраста, како и поддршката за оние кои се соочуваат со стигма и стрес за време на третманот.












