Според најновиот иизвештај од Светската здравствена организација (СЗО) објавен во понеделник, отпорноста на најчесто користените лекови е зголемена за повеќе од 40 проценти во последните пет години.
Извештајот, објавен од „Политико“, наведува дека една од шест потврдени бактериски инфекции е отпорна на антибиотици и дека стапките на отпорност на лекови брзо растат, што претставува сè поголема закана за јавното здравје.
Од 2018 до 2023 година, отпорноста на антибиотици се зголемила кај повеќе од 40 проценти од следените антибиотици, со просечно годишно зголемување од пет до 15 проценти, покажа извештајот на СЗО, пренесе „Танјуг“.
Глобалниот извештај за надзор на отпорноста на антибиотици следел 22 клучни антибиотици што се користат за лекување на инфекции предизвикани од осум од најчестите бактериски патогени, вклучувајќи инфекции на уринарниот тракт и гонореја.
Бактериската антимикробна отпорност убила 1,27 милиони луѓе во 2019 година и придонела за смртта на уште 4,95 милиони луѓе таа година, се вели во извештајот.
„Антимикробната резистенција го надминува напредокот во модерната медицина, загрозувајќи го здравјето на семејствата низ целиот свет. Додека земјите ги зајакнуваат своите системи за надзор на антимикробната резистенција, мора одговорно да ги користиме антибиотиците и да обезбедиме дека секој има пристап до соодветни лекови, дијагностика и вакцини со загарантиран квалитет“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Средното ниво на антибиотска резистенција во Европа беше 10,2 проценти, втора најниска стапка од кој било регион и под глобалниот просек од 17,2 проценти.