Свлечиште урна дел од потпорниот ѕид на Клиничка болница – Штип, по што оградата и земјата се свлекле врз две возила со скопска и велешка регистарска табличка.
Ката Крстевска од Велес, која утринава дошла на преглед во Клиничка болница во Штип, вели дека го оставиле возилото и тргнале кон болницата кога наеднаш само слушнале врева и виделе дека ѕидот паднал врз него.
– Го паркиравме возилото и само што појдовме кон нагорнината, слушнавме звук и кога дојдовме, беше страшно. Среќа, возилото се поправа, само да се живи и здрави децата – вели Крстевска.
На местото на настанот излегоа од СВР Штип за регулирање на сообраќајот на улицата „Љубен Иванов“, која води кон главниот влез на болницата. Просторот беше исчистен од страна на екипи од ЈП „Стипион“.












