Ужасното злосторство го потресе регионот, откако петнаесетгодишниот Марио беше пронајден закопан на поле во близина на Темишвар во Романија, недалеку од границата со Србија. Двајца малолетници на возраст од 13 и 15 години, кои Марио ги познавал од детството, се осомничени за неговото убиство.
Марио исчезнал во понеделник, 19 јануари, кога отишол во куќата на еден од осомничените со својот скутер. Како што е утврдено во истрагата, тринаесетгодишникот го намамил со покана да дојде и да го види квад-мотоциклот што неговиот татко, вработен во странство, му го купил за време на новогодишните празници.
Момчето чекало неговата мајка да замине на ноќна смена, а потоа заедно со другиот осомничен, петнаесетгодишно момче, го повикале Марио. Истражителите веруваат дека злосторството било однапред испланирано, најмалку еден месец однапред, а како мотив се наведува љубомора.
По пристигнувањето, Марио прво бил вербално, а потоа и физички нападнат. Осомничените му нанеле повеќекратни смртоносни повреди со нож и секира. Откако починал, тие повикале друго петнаесетгодишно момче да им помогне да го однесат телото на блиското поле, каде што го закопале.
Третиот малолетник, според наводите, го натоварил телото во градинарска количка, по што го турнале заедно на полето. Потоа го запалиле телото и ги положиле останките во плиток гроб, бидејќи не можеле да копаат подлабоко поради замрзнатата земја.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека убиството е извршено според однапред смислен план и дека сите тројца малолетници учествувале во осквернавувањето на телото и прикривањето на трагите од злосторството.
Како мотив се наведува љубомората, бидејќи Марио, според тврдењата, имал повеќе материјални работи и се фалел со тоа. Познаниците истакнуваат дека бил многу популарен меѓу своите врсници, и во училиште и во општеството. Двајца 15-годишници се во притвор, додека 13-годишникот е ослободен, бидејќи не може да биде повикан на кривична одговорност поради неговата возраст.












