Сѐ е подготвено за Светското училишно првенство во ракомет – ИФС, чиј домаќин е нашиот главен град, Скопје. Овој голем спортски настан официјално започна синоќа, со свечено отворање што се одржа на плоштадот „Македонија“
Дваесет делегации од целиот свет во претходните два дена пристигнаа во нашиот главен град и сите со нетрпение го очекуваат почетокот на натпреварите на Мундијалот. Македонија на Светското училишно првенство во ракомет ќе ја претставуваат кадетските селекции во машка и во женска конкуренција.
Кадетската машка репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Горан Кузманоски, ќе игра во групата А заедно со Република Српска, Грузија, Бугарија и со Саудиска Арабија. Според системот за натпреварување, првопласираните репрезентации од четирите групи ќе се пласираат во полуфиналето.

Кадетите ќе играат во салата „Македонско сонце“. 22.4.2026 (10:30 часот) Македонија – Бугарија, 23.4.2026 (8:30 часот) Грузија – Македонија, 24.4.2026 (10:30 часот) Република Српска – Македонија, 26.4.2026 (12:30 часот) С Арабија – Македонија.
Кадетската женска репрезентација на Македонија, предводена од селекторката Даниела Новеска-Вељаноска, ќе игра во групата Ц, заедно со Белгија, Грузија и со Словачка. Според системот на натпреварување, првите две репрезентации од четирите групи ќе обезбедат место во четврт-финалето.












