Општина Центар објави јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор, соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвремениот карактер на делата на македонските поети.
– Во рамките на проектот се предвидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката – информираат од Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата, афирмацијата на македонскиот јазик и творештвото.
– Дваесет и први март – Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува – нагласи Герасимовски.
Тој ги повика сите креативци, љубители на поетскиот збор, да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан.
Рокот за поднесување на пријавите е пет дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар, каде може да се најдат и повеќе информации за повикот.












