Друштвото за патишта на Република Македонија по трет пат ќе организира македонски конгрес за патишта на кој научници, експерти и професори од светот кои ќе дебатираат на различни теми поврзани со планирањето, изградбата и безбедноста на патната инфраструктура, како и на презентација на сите новини што се светски тренд во моментов.
– Мотото на Третиот македонски конгрес за патишта е „Градиме подобри патишта за побезбедна иднина“, давајќи му целосен респект на влијанието на патиштата како медиум низ кој се реализира движењето, во однос на безбедноста на сите учесници во сообраќајот – вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на ДПМ, проф. д-р Горан Мијоски.
Весникот ВЕЧЕР е медија партнер на Третиот македонски конгрес за патишта.
Скопје на 6 и 7 ноември ќе биде центарот кој на едно место ќе собере врвни научници, експерти и професори од светот кои ќе дебатираат на различни теми поврзани со планирањето, изградбата и безбедноста на патната инфраструктура, како и на презентација на сите новини што се светски тренд во моментов. В четврток, почнува Третиот македонски конгрес за патишта под мотото: „Градиме подобри патишта за побезбедна иднина“, кој го организира Друштвото за патишта на Република Македонија. За учество се најавени околу 450 регистрирани учесници од повеќе од 25 земји како од Европа, така и од САД, Кина, Либија и од Турција, што според организаторите, претставува можност за размена на позитивни искуства и знаења.
На конгресот ќе бидат опфатени повеќе теми што се однесуваат на планирањето и на проектирањето патишта, потоа на управувањето, изградбата и одржувањето на патната инфраструктура, а ќе се проговори и за безбедноста во сообраќајот, за заштитата на животната средина и за одржливиот развој.
Ова, за Македонија во моментов е многу важно, бидејќи се наоѓаме во голем инвестициски циклус во патната инфраструктура, вреден над 3 милијарди евра, што се рефлектира во изградбата на три автопатски проекти со должина од над 180 километри, заедно со шест автопатски делници, експресни патишта и регионални патишта. Во таа насока, конгресот е можност за размена на позитивни искуства и знаења токму за овие инфраструктурни објекти, за транспортната политика и за финансирањето.
Се очекува од некои од учесниците да се слушне за примената на новите технологии во сообраќајот, како и за примената на вештачката интелигенција во патната инфраструктура. Ќе бидат презентирани нови проекти, а ќе стане збор и за другите видови транспорт (железница, воздушен, воден и Интернет), статусот, проектите и за развојните перспективи.
Ќе биде ставен акцент на имплементацијата на светските искуства и добри практики во македонската инфраструктурна реалност, со цел модернизација, поголема безбедност и ефикасност на транспортниот систем. Пријавени се над 100 научни труда, што претставува најголем интерес досега во историјата на конгресот.

– Друштвото за патишта на Република Македонија (ДПМ) и годинава ја потврдува својата улога како активен чинител во развојот на градежништвото и на инфраструктурната политика. Стекнатото искуство и високото реноме од претходните два конгреса се обврска, но и мотив за уште поголеми резултати. Тоа го потврдуваат и големиот број научни и стручни трудови, врвниот состав на Научниот одбор, составен од признати експерти од Македонија и од странство, како и квалитетот на повиканите предавачи. Мотото на Третиот македонски конгрес за патишта е „Градиме подобри патишта за побезбедна иднина“, давајќи му целосен респект на влијанието на патиштата како медиум низ кој се реализира движењето, во однос на безбедноста на сите учесници во сообраќајот – вели за весникот ВЕЧЕР претседателот на ДПМ, проф. д-р Горан Мијоски.
Од ДПМ очекуваат Третиот македонски конгрес за патишта 2025 да биде традиционален меѓународен собир на градежните инженери од патната инфраструктура од Македонија и од странство, со забележително меѓународно влијание, обезбедувајќи успешен континуитет со претходните два конгреса.
Во 2022 година, исто така во Скопје, беше одржан Вториот македонски конгрес со околу 400 учесници од 23 европски земји, со 77 објавени научни труда. Првиот конгрес се одржа во Скопје во 2019 година, учествуваа околу 300 учесници од 16 европски земји, со повеќе од 60 научни труда.
– По успешното завршување на овие два конгреса, со сигурност можеме да кажеме дека овој конгрес еволуираше во врвен настан во областа на патната инфраструктура, со значајно меѓународно признание и важност – потенцираат од ДПМ.
Конгресот официјално ќе го отвори претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски, а настанот ќе биде збогатен со културен и со уметнички белег со перформансот на маестро Симон Трпчевски, еден од најдобрите светски пијанисти кој свиреше со Кралскиот оркестар за кралицата Елизабета, а сега за кралот Чарлс.
Конгресот, традиционално, се организира од Друштвото за патишта на Република Македонија „Виа вита“, Градежниот факултет – Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери, ЈП за државни патишта, ЈП „Македонија пат“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и со поддршка од повеќе универзитети и стручни институции од земјава и од странство.
Весникот ВЕЧЕР е медија партнер на Третиот македонски конгрес за патишта.
Логото на конгресот е бројот 3, кој е стилизиран и е во македонските национални бои

Логото на конгресот е бројот 3, кој е стилизиран и е во македонските национални бои: црвена и жолта. Првиот дел е со црвена боја и претставува дел од круг што ги симболизира повеќедецениското движење во круг и доцнењето во изградбата на патната инфраструктура. Логото продолжува со жолт дел во облик на стрелка, која ја покажува вистинската насока во изградбата на патиштата, со јасна визија и перспектива, со што го одбележува актуелниот момент во Македонија.
(С. Бл.)












