Во рамките на годишните средби на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светска банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, со регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, со извршниот директор Јуџин Ругенаат и со раководителката на Канцеларијата на Светска банка за Косово и за Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светска банка за поддршка на буџетските и на структурните реформи.
– Главен фокус на средбата беа проектите кои се спроведуваат во Македонија во моментов и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал. Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и на забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и во човечкиот капитал – истакна министерката.
Светска банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и на проектите од новата рамка на соработка. Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светска банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1 % во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3 % и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и за поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и за можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании.