Навивачите на Арсенал, конечно, го дочекаа моментот што го сонуваа повеќе од две децении – титулата во Премиер лигата пристигна по пауза од 22 години.
Избраниците на Микел Артета ја завршија сезоната на врвот со 85 бода, седум повеќе од Манчестер сити, а славењето веднаш се пресели на улиците на северен Лондон.
Но, еуфоријата не остана само во Англија. Имено, во Најроби, илјадници навивачи излегоа на улиците и приредија спектакуларна прослава што целосно го блокираше центарот на градот. Кенискиот претседател, Вилијам Руто, кој отворено го поддржува Арсенал, беше меѓу најгласните симпатизери за големиот успех.
View this post on Instagram
Од друга страна, менаџерот на „топчиите“, Артета, не ја криеше емоцијата по освоениот трофеј. Шпанскиот стратег изјави дека сите тешки моменти, конечно, добиле смисла и дека радоста кај навивачите е најголемата награда за тимот. Според него, единството, посветеноста и храброста биле клучот што го однеле Арсенал до врвот.
- Ова беше прекрасно. Ја гледате радоста на овие луѓе, тие го чекаа ова толку долго. Имаше тешки времиња, но вредеше кога ќе ја видите реакцијата на луѓето. Покажавме неверојатно единство, посветеност и храброст. Сè околу нас ја зголеми нашата желба да го постигнеме ова. Гледате какви луѓе се тие навистина, низ тешки времиња. Тие имаат неверојатни вредности и го познаваат спортот подобро од кој било од нас. Тие му се посветени на проектот што го спроведовме. Тие беа клучни – порача Артета.
Но, додека се славеше на „Емирати“ до доцна во ноќта, еден момент го привлече вниманието на сите. Играчот од средниот ред, Деклан Рајс, среде шампионската еуфорија, нетрпеливо ги следеше резултатите од последното коло. Причина беше неговиот поранешен клуб Вест хем, кој иако славеше со 3:0 против Лидс, тоа не беше доволно да избори опстанок, бидејќи до победа дојде и тимот на Тотенхем.
Камерите го уловија Рајс во момент на неверување: со видливо разочарување и нервозна реакција кога сфати дека клубот во кој израсна повеќе не е дел од елитата. Англискиот репрезентативец остави длабока трага во Вест хем со 245 настапи и со капитенска лента, пред трансферот во Арсенал вреден 116 милиони евра.
А како шлаг на историската сезона, Арсенал доби и ново чудо од дете. Макс Дауман на само 16 години и 144 дена стана најмладиот фудбалер што започнал натпревар во Премиер лигата, соборувајќи рекорд стар повеќе од една деценија.
Младиот талент веќе оваа сезона стана и најмлад стрелец во лигата, а претходно испиша историја и во Лигата на шампионите. Така, во сезоната кога Арсенал, конечно, ја врати круната во Англија, клубот доби и нова генерација што најавува уште поголеми денови. Следниот голем предизвик е финалето против ПСЖ на 30 мај, во Будимпешта – можност оваа бајка да стане совршена.











